Процесот на ширењето на НАТО во рацете на Обама

Лондонски „Тајмс“ смета дека иднината на НАТО зависи од погледите на новата американска администрација Од нашиот дописник Томислав Ивановски
ЛОНДОН - Во пресрет на 60-годишнината од своето создавање, НАТО се соочува со раскарано и поделено членство, како кога станува збор за војната во Авганистан и како таа натаму да се менаџира, така и кога станува збор за продолжувањето на процесот на ширење на Северноатланската алијанса, е констатацијата на лондонски „Тајмс“, за која може да се каже дека е блиска до позициите и на официјалната британска политика.
Земјите-членки не можат да постигнат единство околу ширењето кон Исток, пред се' кон Грузија и Украина. Додека повеќето од новаците во НАТО се за отворање на процесот за постепено привлекување на овие две поранешни советски републики, при што најкатегорични во тоа се Полска, Чешка и трите балтички држави, постарите членки на Алијансата, предводени од Германија и Франција, се против таквата одлука, не криејќи притоа дека не сакаат поради грузиско-украинските аспирации да и' се замерат на Русија.
Ниту кога станува збор за ангажманот во Авганистан, работите не изгледаат премногу сојузнички, зашто Берлин и Париз не сакаат повеќе да се ангажираат во воените судирања со Талибанците, а во последно време ниту САД и Британија не дејствуваат како да имаат „специјални врски“, особено откако новоизбраниот американски претседател Барак Обама на неколкупати повтори дека сака да испрати 20.000 дополнителни војници од САД, барајќи, пред се', од Британија, но и од другите земји на коалицијата да ги зголемат и засилат своите контингенти. Официјален Лондон, меѓутоа, повеќе пати досега порача дека чека да го види формалното барање на Вашингтон, инсистирајќи де��а во Хелманд и во Авганистан има доволно Британци и дека не се размислува за зголемување на британскиот воен контингент.
Во ситуацијата во која се наоѓа владата на премиерот Гордон Браун, нејзиниот отпор на стартот кон идниот станар во Белата куќа, делува сосема разбирливо, колку и тој повеќето од неговите министри да се „навивачи“ на новоизбраниот претседател на САД. Браун е притиснат од домашната јавност поради големиот број жртви во Ирак, но уште повеќе од критиките на домашните експерти и ториевската опозиција кои обвинуваат дека војниците не се соодветно опремени и ниту приближно како што се американските, дека патролираат во неприкладни возила, наместо да користат хеликоптери и на тој начин да ги избегнат редовните напади на Талибанците со крајпатни мини што се активираат далечински. Кога станува збор за ширењето на НАТО, официјален Лондон е поблиску до американската, отколку до германско-француската позиција, иако не инсистира (како САД) тоа да се направи уште сега, но впечаток е дека и на Британија и одговара „паузата“ поради смената во Вашингтон. Тоа и го натера „Тајмс“ да тврди дека сите во НАТО чекаат да дојде Барак Обама и да пресуди, како понатаму со Алијансата и со ширењето на организацијата.
Она што се очекува од новата американска администрација е дали таа ќе остане на линијата на претседателот Џорџ Буш за одржување на темпото за ширење на Алијансата, со што би биле отворени и опциите за Грузија и Украина, или пак тој процес ќе се сведе само на Балканот и на неговото натамошно стабилизирање. Доколку „победи“ ова определба на новата гарнитура на демократите во САД, лондонскиот весник предвидува дека би можело да се офајди Македонија, која поради нејзиниот се' уште незавршен спор со Грција околу официјалното име на државата, остана надвор од НАТО по самитот во Букурешт. Македонија во тој случај би можела „набрзина“ да се најде во Алијансата, заедно со засиленото посредување на Алијансата за завршување на бескрајно долгиот ќор-сокак во кој се наоѓаат Грција и Турција (двете стари членки на НАТО) поради Кипар. За „Тајмс“ е иронично што Барак Обама од кого се очекува да го среди и НАТО се опкружи себе си со функционери на администрацијата на Бил Клинтон, назначувајќи ја некогашната „прва дама“, сенаторката Хилари Клинтон за шеф на дипломатијата. Сите Клинтонови функционери се познати по својата категорична определеност за ширење на НАТО кон Исток и по силната определеност за демократизирањето на поранешниот комунистички исток на Европа. Познато е дека токму Бил Клинтон ги внесе земјите од Балтикот во НАТО по постигнатата согласност со Борис Елцин, што сега Владимир Путин го означува како најкатастрофална грешка на тогашниот шеф на руската држава и нејзината надворешна политика. Во Лондон. меѓутоа, се смета дека и покрај тоа што Хилари Клинтон ќе го води Стејт департментот, тоа се' уште, не значи дека Вашингтон во новиот состав автоматски ќе ја отвори вратата за Грузија и Украина, односно дека нема да брза со одлуката, додека Михаил Саакашвили е претседател на Грузија, поради неговата „непромислена одлука“ насила да ја поврати отцепената Јужна Осетија и да предизвика краткотрајна војна со Русија.
|