Нападот во Мумбаи беше 9/11 за Индија
Министерот за внатрешни поднесе оставка поради морална одговорност за 195-те загинати
МУМБАИ - Индискиот министер за внатрешни работи, Шивраџ Патил, поднесе оставка преземајќи „морална одговорност“ за нападите во Мумбаи, во кои загинаа речиси 200 луѓе. Овој чекор следеше во услови на се' поголем притисок врз индиската влада да објасни зошто не беше во можност да ги спречи нападите. Притоа не се споменува дали е прифатена оставката на Патил.
Тридневната опсада ја зголеми напнатоста со Пакистан, по тврдењата дека напаѓачите имаат пакистански врски. Исламабад негираше инволвираност во случајот.
Патил испрати писмо до премиерот Манмохан Синг „признавајќи морална одговорност“ за нападите, јави дописникот на Би-Би-Си во Њу Делхи. Ќе следат нови оставки, јавува дописникот.
Сето тоа се случуваше пред сепартискиот состанок закажан за вчера навечер, на кој требаше да се дискутира за нови антитерористички мерки во Индија - вклучувајќи нови антитерористички закони и можното создавање на нова антитерористичка агенција. Претходно, пакистанскиот претседател Асиф Али Зардари понуди целосна соработка со Индија, а неговата влада негираше каква било инволвираност во смртоносните напади.
Индиските војници го убија последниот напаѓач во хотелот „Таџ Махал Палас“ во саботата. Околу 10 милитанти можеби биле инволвирани во нападот, во кој цел беа повеќе локации меѓу кои два хотела, главна железничка станица, болница и еврејски центар. Иако повеќето жртви се Индијци, во нападите загинаа најмалку 22 странци, меѓу кои жртви од Израел, Германија, Јапонија, Канада, Австралија, Италија, Сингапур, Тајланд и Франција. Исто така, загина и еден Британец.
Некои од напаѓачите пристигнаа на крајбрежјето со гумени чамци ноќта кога започна убиствата, други наводно се наоѓале во градот со месеци, собирајќи информации за нивните цели. Индиското Министерство за внатрешни работи јави дека официјалниот биланс во Мумбаи е 183 загинати, но претходните податоци за укажуваа на најмалку 195 загинати и 295 повредени.
Пакистанскиот министер за надворешни работи, Шах Махмуд Куреши, рече дека напнатоста во односите со Индија е сериозна, но се надева дека кризата ќе може да се надмине. Обраќајќи се по вонредниот состанок на кабинетот во главниот град Исламабад, тој изјави за новинарите: „Да не се залажуваме, ова е сериозна ситуација кога луѓето во Индија го чувствуваат ова како 11/9 за Индија. Мислам дека како одговорно избрана влада, не можеме да бидеме несвесни за сериозноста на ситуацијата“. Тој вети дека разузнавачките претставници целосно ќе соработуваат со индиската истрага, но додаде дека шефот на разузна��ачката служба нема да отпатува во Индија како што беше претходно најавено, поради, како што рече тој, „погрешна комуникација“.
Висок претставник на безбедноста јави дека Пакистан сега добил прелиминарни докази од Индија, јавува дописникот на Би-Би-Си од Исламабад. Меѓутоа, тој предупреди дека ако Индија почне да ги мобилизира единиците, Пакистан соодветно ќе одговори, дури и ако тоа значи оддалечување на војниците од борбите со исламските милитанти на границата со Авганистан. Тој рече дека следните 48 часа ќе бидат клучни за да се одреди до кое ниво би ескалирале тензиите.
Индискиот премиер Манмохан Синг претходно се изјасни дека е уверен оти група стационирана надвор од Индија стои зад убиствата, а високи индиски политичари истакнаа дека единствениот преживеан напаѓач, кој е заробен, е од Пакистан.
Одговорноста за нападите засега ја презеде претходно непознатата група „Декан муџахедини“, што се однесува на главниот муслимански регион во Индија. Според изјавата, што стигна до индиските весници, единствениот заробен милитант, Азам Амир Касаб, рече дека милитантите од Мумбаи имале обука од исламска група која некогаш била поддржана од пакистанската разузнавачка група Лашкар-е-Тоиба. Пакистан ја забрани групата во 2002 година, на инсистирање на САД. (Би-Би-Си) |