Европската унија ќе прифати нови 10.000 ирачки бегалци
БРИСЕЛ - Европската унија соопшти дека е подготвена да прифати до 10.000 ирачки бегалци, од кои многумина живеат во екстремно тешки услови во Јордан и Сирија. Согласноста беше дадена на состанокот на ЕУ во Брисел во четвртокот, каде што министрите за внатрешни работи добија нов извештај за условите во бегалските кампови. Германија соопшти дека би прифатила околу 2.500 бегалци. Приоритет ќе се даде на лицата со медицински потреби, жртви на измачување, самохрани мајки и верски малцинства.
Организацијата на ОН за бегалци, УНХЦР, го поздрави ветувањето на ЕУ како „позитивен чекор“, истакнувајќи дека 18 месеци вршела притисок врз ЕУ да понуди поголема заштита за чувствителните ирачки бегалци. Досега само 10 проценти од повторно раселените од УНХЦР најдоа дом во земјите на ЕУ, главно Шведска и Холандија, јавува дописникот на Би-Би-Си од Брисел. Шведска се изјасни дека примила околу 18.000 ирачки азиланти во 2007 година, што е повеќе од половина од вкупниот број кои влегле во ЕУ минатата година. Во Шведска има добро утврдена ирачка заедница со вкупно 100.000 Ирачани, но таа смета дека другите земји-членки на ЕУ треба да примат поголем дел од оние кои главно побегнале поради насилство и сиромаштија.
Портпарол на британското Министерство за внатрешни работи, јави дека Велика Британија „веќе покажа јасна определба да ги поддржи ирачките бегалци со програмата ’Гетвеј’ со која над 200 луѓе повторно се населија во Велика Британија од април, а поголем дел ќе пристигнат во наредните месеци“. (Би-Би-Си) |