И неутралноста мора да се брани со оружје
Швајцарија го изненади светот со намерата своите вооружени сили да ги опреми со борбени авиони
Неутралната Швајцарија, земја која не го почувствувала мирисот на барутот уште од инвазијата на Наполеон од крајот на 18 век, деновиве го изненади светот со намерата своите вооружени сили да ги опреми со најмодерни борбени авиони кои ги надминуваат нејзините потреби.
Од борбените авиони, Швајцарија сега има 54 „тигри“, млазни авиони од типот „Нортроп Ф-5Е/Ф тајгерс“, кои ги купила во периодот 1976 и 1981 година.
- Станува збор за авиони кои одамна се застарени и не одговараат на потребите на националната одбрана, објаснува Кај-Гунарт Зиверт, портпарол на Агенцијата за набавка на оружје за швајцарската војска „Армасуис“.
- „Тигрите“ не располагаат со диригирани ракети кои можат да се користат во сите временски услови, ниту пак ноќе. Освен тоа, нивните радари не можат да „фатат“ нисколетачки објекти, вели Зверт.
Сега „Луфтвале“ (Воената авијација) на Швајцарија има намера да купи 33 нови авиони, а потенцијалните продавачи од Шведска, Велика Британија, Германија, Италија и Франција веќе стојат во ред, настојувајќи на владата во Берн да и' дадат најдобра понуда.
Шведскиот СААБ го нуди својот „грипен“ тип ЈАС 39, англо-германско-италијанскиот концерн ЕАДС го нуди својот „еврофајтер тајфун“, а Французите го нудат својот „рафал“, кој го произведува прочуената компанија „Дасо“.
Претходно од комбинација отпадна американскиот „боинг“ чиј „супер стршен“ Ф/а-18Е/Ф е премногу модерен за премалата Швајцарија.
Најевтин е „грипен“, па затоа во овој момент има најмногу шанси да добие порачка од швајцарската „Луфтвале“, оценуваат воените аналитичари во Берн.
До јули идната година владата ќе го соопшти името на победникот на конкурсот, но сето ова лесно може да падне во вода, со оглед на фактот дека се' повеќе расте гневот на народот на кој не му е дојдено до фрлање пари низ прозорец.
- Купувањето нови авиони, од безбедносна гледна точка, целосно е непотребно. Освен тоа, борбените авиони прават повеќе врева и нанесуваат штета на природната околина, изјави по овој повод Патрик Ангел, секретар на ГСоА, организација која се бори за укинување на швајцарската војска.
Ангел и неговите поддржувачи моментно собираат потписи од граѓаните и со тоа сакаат да ја натераат владата да распише референдум за купувањето на борбените млазни авиони.
- Според законот, нам ни се потребни 100.000 потписи, а ние веќе собравме 55.000, вели Ангел.
Кога владата претходниот пат, во 1992 година, посака да купи нови авиони од сличен тип (стануваше збор за „стршени“ тип 33 Ф/А-18), ГСоА успеа само за 45 дена да собере половина милион потписи!
На крајот 57 отсто од граѓаните, сепак, и' дадоа „зелено светло“ на владата, таа година да ги купи авионите, но овој пат исходот од референдумот би бил сосем поинаков – и поради тоа што генералите на швајцарската „Луфтвале“ оваа година се „прославија“ со скандали.
Најнапред началникот на Генералштабот, Роланд Неф, беше принуден на оставка, по љубовната афера со една своја соработничка, а потоа мораше да си оди и командантот на „Луфтвале“, Валтер Кнути, поради одговорност за инцидентот во кој загинаа пет војници.
Овие скандали дејствуваа како удар со чекан врз растресениот темел на швајцарската војска, институција која со тешка мака се приспособува на „постстуденовоениот“ 21 век, велат воените аналитичари.
Освен тоа, сигурно е дека граѓаните двапати ќе размислат пред да се одлучат на референдум да ја поддржат владината програма на „вооружена неутралност“ токму во време кога државата има поитни работи – како на пример, спасување на пропаднатите банки.
Швајцарската држава не издвојува премногу пари од буџетот за војската. Лани таа сума изнесуваше 4,4 милијарди швајцарски франци од буџетот, вкупно „тежок“ 55,9 милијарди. За споредба, за задоволување на социјалните потреби се издвоени 17,35 милијарди, а за образованието 5,2 милијарди. (МИА) |