Тадиќ: Не се откажуваме од интегритетот на земјата
Јакуп Красниќи вели дека Албанците треба да ги отворат картите за обединување на Косово
Белград – „Меѓународните фактори кои непрекинато повторуваат дека прашањето на назависноста на Косово е завршена работа, многу добро знаат дека Албанците кога-тогаш мора со нас да седнат и да пронајдат одржливо и компромисно решение за идниот статус на покраината“, изјави српскиот претседател Борис Тадиќ во интервју за белградска „Политика“. Притоа, тој истакна дека „не се откажуваме“ од одбраната на интегритетот на земјата, ниту во еден меѓународен форум - од Европската унија до Обединетите нации.
Тоа, според Тадиќ ги зголемувало шансите на Србија по одлуката на Меѓународниот суд на правдата, „за која веруваме ќе биде во корист на државата, повторно да се вратиме на преговарачка маса и да го редефинираме прашањето за статусот на Косово, со добра намера и не загрозувајќи го никого“. „Порано или подоцна, мора да седнеме и да разговараме со легитимните претставници на Албанците на Косово“, вели Тадиќ.
Српскиот претседател најави дека дошло време за ревизија на договорот меѓу Белград и НАТО со кој пред девет години тогашната југословенска војска го напушти Косово. Во интервјуто тој вели дека е погрешно да се дозволи Приштина да формира свои сили за безбедност. Тадиќ разменил и писма со високиот претставник на Европската унија за надворешни работи, Хавиер Солана, во кои двајцата потврдиле приврзаност за мисијата на ЕУЛЕКС на Косово во согласност со извештајот на генералниот секретар на Обединетите нации, Бан Ки Мун.
Распоредувањето на ЕУЛЕКС создаде неизвесност во Косово, а за вторник се најавени масовни демонстрации против мисијата, која практично ја потврдува поделеноста на Косово. Високиот пратеник на Обединетите нации за Косово, Алберт Рохан, призна дека преразгледаниот договор за испраќање полициска и правна мисија на Европската унија во Косово не ги задоволува одредбите од планот на неговиот претпоставен Марти Ахтисари за надгледувана независност.
Рохан, во интервју за Би-Би-Си изјави дека распоредувањето на мисијата ЕУЛЕКС, со 2.000 вработени, е важна работа, но тој призна дека таа ќе ја рефлектира постојната поделеност меѓу Србите - во северните делови - и мнозинските етнички Албанци во другите делови на Косово. Тој додаде дека разбира зошто косовската влада чувствува дека нејзиниот суверенитет, во извештајот за ЕУЛЕКС на генералниот секретар на Обединетите нации, Бан Ки Мун, е фрлен во сомневање.
Портпаролот на косовската влада со смирувачки тон најавува соработка со ЕУЛЕКС и верува во трајна непроменливост на границите.
„Се' додека ЕУЛЕКС успешно работи во рамки на својот мандат, ние ќе бидеме соработници. Границите се непроменливи, внатрешна поделба нема да има, тоа прашање не заслужува коментар“, изјави Мемли Красниќи.
Но, претседателот на косовскиот парламент, Јакуп Красниќи, во петокот изјави дека Албанците треба да ги отворат картите за обединување на Косово со Албанија, доколку има обиди да се повредат принципите на Контакт- групата, кои ја исклучуваат можноста за поделба на Косово.
„Доколку некој се обидува да ја измени изјавата на Контакт- групата, посебно нејзините три принципи, можеби Албанците треба да размислуваат и во тој аспект. Тоа е нивно право“, изјави Красниќи по средбата во Приштина со лидерот на албанските опозициски социјалисти и градоначалник на Тирана, Еди Рама, по повод 96- годишнината од независноста на Албанија.
Повеќе организации најавија масовни протести на 2 декември кога се очекува првото распоредување на мисијата. (Д.Ч.)
|