Судир на христијани и муслимани во Нигерија
Полицијата доби наредба да стрела за да се смират непријателствата. Повеќе од 300 луѓе загинаа во судирите
Стотици луѓе загинаа во централна Нигерија кога христијаните и муслиманите се судрија околу резултатите од локалните избори. Муслиманска добротворна организација во градот Џос јави дека имало над 300 тела, а се очекуваат жртви и меѓу христијаните. Податоците се' уште не се официјално потврдени, а познато е дека во Нигерија не се сигурни, јавува дописникот на Би-Би-Си.
Полицијата воведе 24-часовен полициски час, а армијата патролира низ улиците. Тие добија наредби да пукаат во обид да ги смират непријателствата кои ги одбележаа најголемите судири во оваа западноафриканска земја од 2004 година.
Во саботата, втор ден по ред, налутени банди беснееја низ градот, палејќи куќи, цркви и џамии. Нигерискиот Црвен крст јави дека најмалку 10.000 луѓе побегнале од нивните домови. Владејачката партија, Народна демократска партија, поддржана главно од христијаните, прогласи дека победила на државните избори во државата Плато, каде што Џос е главен град.
Резултатите беа оспорени од опозициската Сенародна нигериска партија која има поддршка од муслиманите. Насилството започна во четвртокот ноќта кога група млади луѓе запалија гуми на улиците поради информациите за изборно лажирање.
Телата од муслиманската заедница Хауса беа пренесени во централната џамија. Локалниот имам, Шеик Калид Абубакар рече дека само во саботата биле пренесени повеќе од 300 тела.
Загинатите во христијанската заедница веројатно ќе бидат пренесени во градската мртовечница, што ја зголемува можноста дека билансот на жртвите би можел да биде поголем. Портпарол на полицијата, Бала Касим јави дека имало „многу загинати“, но не можеше да наведе точен број.
И покрај полицискиот час во текот на ноќта, групите во некои области повторно излегоа на улиците, по заминувањето на полициските патроли.
Во 2001 година над 1.000 луѓе загинаа во верските судири во градот, сместен во плодниот „среден појас“ на Нигерија, што го дели муслиманскиот северен дел од доминантниот христијански јужен дел. Во 2004 година беше прогласена вонредна состојба во државата Плато, откако над 200 муслимани загинаа во градот Јелва, во напади од христијанската милиција. (Би-Би-Си) |