17.09.2009, 18:04 Владата најави можно ново ревидирање на бројките во Буџетот
Кратење на приходната, а уште повеќе на расходната страна на Буџетот, побара вчера опозицијата преку предложените амандмани за ребалансот на Буџетот, кои не беа прифатени од страна на владејачките партии. Претресувањето на поднесените амандмани одеше доста екстензивно, што најверојатно ќе ги принуди членовите на комисијата повеќе денови да ги анализираат доставените 157 амандмани, од кои над 80 се од Нова демократија.
„На приходната страна треба да се скратат 5 милијарди денари, а на расходната страна 12 милијарди денари, за да дефицитот се скрати на 1,1 отсто од БДП. Владата треба да си ги скрати трошењата, бидејќи нема никакви шанси да се приберат планираните приходи, кои според УЈП, за првите пет месеци се помали за 11 отсто, а таа планира да ги натфрли приходите за плус 2 отсто во однос на лани, што е невозможно“, објасни Јован Манасиевски од ЛДП. На ова реплицираше Борис Стојменов, според кого штом Владата планира, веројатно ќе ги собере предвидените приходи. По ова, Манасиевски предложи доколку Владата ги собере планираните приходи, тој да даде оставка, а доколку не, тоа да го направи Стојменов. Според министерот за финансии, Зоран Ставрески, Владата со проекциите во ребалансот можеби погрешила, можеби не, но сите ставки биле направени врз основа на анализите на УЈП и царината и дека сите тие ја делат одговорноста.
„Доколку има потреба, може да се направи ревидирање на бројките“, изјави Ставрески, со што остави да виси во воздух претпоставката за можен нов ребаланс.
Според дел од своите предложени амандмани, СДСМ побара од Владата да ја скрати и пренасочи за други цели ставката за резерви, која од 90 е зголемена на 770 милиони денари, а токму во тој дел ревизорите утврдиле најголеми злоупотреби. И овие сугестии не беа прифатени. (А.С.) |