25.01.2013, 13:24 Турнејата на Влатко Стефановски продолжува во Лондон
Стефановски настапува со престижни симфониски оркестри заедно со Мирослав Тадиќ и Теодосиј Спасов
Скопскиот гитарист Влатко Стефановски ќе настапи на Фламенко-фестивалот во Амстердам, а потоа и во Лондон, во „Барбикан центарот“ со реномираниот Лондонски симфониски оркестар. Концертот е закажан за 31 јануари, а Стефановски ќе настапи заедно со своите стари соработници, добро познатите Мирослав Тадиќ на гитара и Теодосиј Спасов на кавал.
Инаку, оваа турнеја на Влатко Стефановски носи симболичен наслов „Балканска треска“, а како што информираат од „Пасворд продукција“, планиран е и концерт во Скопје пред крајот на годинава.
Стефановски, во рамките на турнејата, досега одржа успешни концерти во Љубљана и Марибор каде што настапи заедно со гудачкиот оркестар на Словенечката филхармонија, потоа во Монако, со Филхармонијата на Монте Карло, под диригентство на Кристјан Јарви, еден од најбараните европски диригенти во моментов, како и во Лајпциг и Вајмар со Симфонискиот оркестар на МДР Лајпциг.
|