22.01.2013, 16:12 Се уште нема осомничени за пожарот во „Пошта“
Истражниот судија го очекува вештачењето за причините за пожарот, а доколку се утврди нечија виновност, ќе следува и кривичен прогон
Никој се' уште не е посочен како можен виновник за големиот пожар кој пред десетина дена ја проголта „Македонска пошта“ во Скопје. Истрагата се' уште ги утврдува причините зошто избувнал пожарот и доколку се дојде до конкретни сознанија, тогаш е можно да се бара и нечија одговорност.
Од скопскиот Кривичен суд за „Утрински весник“ потврдуваат дека веќе се преземени конкретни истражни дејства, но дека се чека на стручното вештачење со кое треба точно да утврди причината зошто дошло до избувнува��е на големиот пожар.
„Истражниот судија го чека стручното вештачење, а во тек се и други мерки за утврдување на причините за избувнување на пожарот“, велат од Основен суд - Скопје 1.
Дали некој ќе понесе и кривична одговорност за пожарот што ја опустоши „Пошта“ засега не можат да кажат ниту од Обвинителството. Тие чекаат на конкретни сознанија кои ќе следуваат по веќе преземените истражни дејства. Од скопското Јавно обвинителство потврдуваат дека до нив се' уште не се пристигнати сите информации за случајот. Доколку истрагата покаже дека постои сомнеж за нечија посредна или непосредна одговорност, тогаш ќе побараат од истражниот судија да поведе кривична истрага.
Експертскиот тим кој работи на утврдување на причините за несреќата се' уште не соопштува детали за пожарот што ја зафати „Пошта“ на 14 јануари.
Неофицијално се дознава дека истражителите паралелно работат и на утврдување на причините зошто дошло до затајување на алармите за пожар, а кои според кажувањата на вработените биле активни. Според други шпекулации, истрагата, наводно, работи и на отстранување на штетата со наплата од осигурителните компании.
Директорот на „Македонска пошта“, Рафис Алити, кратко време по трагедија, излезе со сомнеж дека пожарот избувнал на третиот кат од зградата, односно во салите каде што биле поставени серверите, а потоа огнот ја зафатил и електричната инсталација. (Љ.С.)
|