22.01.2013, 12:04 (ФОТО) Принцот Хари на борбена линија во Авганистан
Британскиот принц Хари изјави дека учествувал во борбените операции во Авганистан и дека пукал по непријателот и неговите позиции на фронтот.
Во првото интервју по завршувањето на неговата војничка мисија во британската база „Камп Бастион“, во авганистанската провинција Хелманд, Хари за лондонските медиуми призна дека со својата хеликоптерска единица учествувал во операции на прогонување и уништување на непријателските позиции.
- Секако дека пукав. Мојата единица одеше во борбени мисии и сите моравме да пукаме. Ако тие (непријателските талибанци) настојуваа да им наштетат на нашите војници, ние одевме да ги заштитиме, вели младиот принц.
Тој е обичен за пилот-топџија на борбените хеликоптери „Апачи“. Во британската армија тој не е принц, туку официр кој е регистриран како капетан Велс. Хари (28) беше четири месеци на фронот во Авганистан, што е негово второ учество во војната против талибанците. Претходно тој беше само четириесетина денови, како извидувач, со единицата на Гурките. Таа мисија беше нагло прекината, откако еден австралиски неделник откри дека меѓу војниците во провинцијата Хелманд, каде се лоцирани Британците, се наоѓа и принцот Хари.
Разговорот на Хари со британските весници, од безбедносни прични, се оддржа откако тој го напушти Авганистан.
- За мене, како и за брат ми Вилијам, служењето кон земјата, во војничка униформа, секогаш ќе биде на прво место, вели принцот, објаснувајќи дека тој повеќе ја сака униформата, отколку да биде принц.
Хари кој е третиот по ред претендент на британскиот престол, е вториот член на британското кралско семејство кој учествувал во воени операции. Пред него, само принцот Ендрју, брат на неговиот татко Чарлс, учествуваше во војната за Фокландските Острови, пролета 1982 година.
|