22.01.2013, 13:03 Јерон Дејселблом го замени Жан-Клод Јункер
Новиот шеф на Еврогрупата има верба во иднината и смета дека има основа за доверба во еврото, сепак главната дилема останува, да се штеди или да се обезбеди раст
Министрите за финансии на еврозоната го избраа Јерон Дејселблум за нов шеф на Еврогрупата. Шпанија беше единствената земја која гласаше против Холанѓанецот, додека Франција изнесе многу забелешки за неговата кандидатура. Претседателот на Еврогрупата во заминување Жан Клод Јункер, како по обичај, беше ироничен. Кусо пред средбата на министрите за финансии од еврозоната, Јункер рече дека чувствува одредена меланхолија поради заминувањето од функцијата, но во исто време и олеснување. „Среќен сум што ќе си заминам од оваа зграда. Во последниве шест месеци постојано викав: Кој ќе ме извлече одовде?!“
Осум години Јункер се обидуваше да посредува меѓу спротивставените интереси на 17 земји членки на еврозоната, а последниве години мораше да игра улога на медијатор во, веројатно, најтешката финансиска криза која ја погодила Европа. Францускиот министер за финансии Пиер Московици го пофали Јункер поради тоа што успеал да создаде рамнотежа меѓу северните и јужните држави. „Баланс меѓу земјите од северот и југот, баланс меѓу неопходноста од штедење и потребата за раст, баланс меѓу перспективите на Франција и на Германија“, рече Московици.
Се' до минатата недела, Французите имаа забелешки на изборот на Јерон Дејселблум како наследник на Јункер. Париз смета дека Холанѓанецот е премногу насочен кон политика на штедење, наместо да се фокусира на раст. Тоа беше и причината поради која француската влада го спречи изборот на германскиот министер за финансии Волфганг Шојбле, што на крајот и доведе до номинацијата на Дејселблом. На крајот, францускиот министер сепак гласаше за него.
Но, на големо изненадување, против Дејселблом се изјасни шпанскиот министер за финансии Луис де Гуиндос. Досега Де Гуиндос не ги соопшти причините за тоа, но медиумите шпекулираат дека Мадрид е незадоволен што на чело на групата повторно застанува кандидат од северните држави.
Дејселблом во дипломатски манир изјави дека не гледа никаков конфликт меѓу растот и штедењето. Тој верува дека обете политики треба да се преземаат истовремено, но сепак, повеќе е насочен кон штедењето.
Наспроти него, експертите во Париз повеќе внимание му посветуваат на растот. Според нивната филозофија, државата треба да создаде раст преку стимулации, а потоа буџетот да се балансира преку новите приходи. Од овој аспект, Дејселблом веројатно ќе има тешка задача да ги задоволи очекувањата на Франција и другите земји кои ја делат нејзината визија. Но новиот шеф на Еврогрупата има верба во иднината. Тој вели дека постои „нова основа за доверба во еврото“. (Дојче веле) |