21.01.2013, 14:51 Со ХАЛАЛ-стандардот до поголем извоз
Седум македонски компании веќе имаат воведено ХАЛАЛ-стандард, а од оваа година Владата прв пат предвиде и субвенции за малите и за средните компании. За таа намена ќе се даваат кредити од Прокредит банка. Предвидени се 500.000 денари за компаниите, а доколку има поголем интерес за имплементација, според најавите од Министерството за економија, може да се направи пренамена на средства.
Ова беше истакнато на денешната прес-конференција во Стопанска комора на Македонија, каде што се даваат услуги за имплементација на стандардот.
„ХАЛАЛ-стандардот кај прехранбените производи е се' поприсутен и на меѓународно ниво, бидејќи со него се отвораат нови пазари, чија вредност се проценува на над 700 милијарди долари“, рече Емилија Тодоровска од Стопанска комора на Македонија.
За да се добие сертификат за ХАЛАЛ-квалитет, потребн�� е да се применат повеќе карактеристики врз производите, а што се во согласност со исламското верско учење. Притоа, треба да се испочитуваат сите атрибути на квалитет што се дозволени за храна и услуги за припадниците на исламската вероисповед.
„ХАЛАЛ-производите и услугите се прифатливи и за сите други религии и се присутни во навиките на исхраната во сите региони на светот. Воведувањето на стандардот отвора можност за поголем настап на пазарите во Турција и во арапските земји“, рече Тодоровска.
Претставникот на Исламската верска заедница, Дритон Дикена, не даде одговор дали ИВЗ го поддржува воведувањето ХАЛАЛ преку кредит, што е во спротивност со шеријатските закони.
„ИВЗ ја поддржува имплементацијата на ХАЛАЛ-стандардот во Македонија. Дали за тоа може да земат кредит компаниите, нема да коментирам и не сакам да навлегувам во таа проблематика“, изјави тој.
Инаку, имплементацијата на ХАЛАЛ чини околу 40.000 денари, но е значително поголема цената на услугата за добивање на сертификатот. (Ек.Р.) |