21.01.2013, 15:02 „Вистината ќе биде обелоденета“
Велија Рамковски и обвинетите во случајот „Пајажина“ им се обратија нa судиите во скопскиот Апелационен суд, кој ги разгледува нивните жалби
Љубиша Станковиќ
Со реплики на адвокатите кон завршниот збор на Вишиот јавен обвинител и со последен збор на обвинетите во случајот наречен „Пајажина“, во скопскиот Апелационен суд заврши Јавната седница која беше иницирана со жалбите на осудените. Обвинетите пред судскиот совет негираа дека извршиле криминални дејства, а екс-сопственикот на „А1 Телевизија“, Велија Рамковски рече дека е песимист за одлуката која што треба да ја донесе повисокиот суд. „На 24. ноември 2010 година влегоа во ’А1 Телевизиј��’ ги одземаа сите докумнети и ги сокрија. Доколку ги извадеа оригиналите, случајот ’Пајажина’ немаше да постои, но крајната цел беше телевизијата“, рече тој.
И ќерката на Велија, Емел Рамковска смета дека цел била телевизијата, бидејќи никој за нив не говори како лица од „фирмите од Перо Наков“ или како обвинети во „Пајажина“. Таа го потсети судот дека никогаш порано не била осудувана и дека со првостепената пресуда, 25 месеци била одвоена од нејзините малолетни деца.
Обвинетиот Амди Рамковски пред судот кажа дека тој е осуден „само поради тоа што му е брат на Велија Рамковски“. На неговиот сомнеж дека на правдата ќе се попричека уште долго време, од место реагираше Велија Рамковски кој дофрли дека не е далеку времето кога вистината ќе биде обелоденета.
Адвокатите останаа на ставот дека судскиот процес обилувал со пропусти кои одат во насока на укинување на првостепената одлука. Тие ја потсетија Апелација дека судење имало и кога отсуствувале и по неколку обвинети лица, дека целиот тек на процесот имало еден, а при изрекување на пресудата сосема нов Судски совет, дека недостасувале вештачења, а за дел од доказите имале забрана да ги видат. Со оглед на обемноста на предметот конечната одлука за случајот „Пајажина“ може да се очекува да биде донесена најдоцна до крајот на следниот месец. |