23.01.2013, 11:40 Хонгконг најотворен за глобализацијата
Хонгконг е најотворен во однос на процесот на глобализација. По него следат Сингапур, Ирска и Белгија додека најголемата светска економска сила - САД е на 25.место, Кина на 44.место и Јапонија на 43.место, на овогодишната листа на консултантската куќа „Ернст и Јанг“, претставена на отворањето на економскиот форум во Давос.
Швајцарија е петта, Холандија шеста, Шведска седма, Данска осма, па следуваат Унгарија и Велика Британија. Германија е на 11.место, а Франција на 14.
Врз основа на пет критериуми - застапеност на трговска размена во економска активност, проток на капитал, состојба во преработувачката индустрија, технолошка размена и културолошка интеграција, „Ернст и Јанг“ и оваа година направи листа од 60 најотворени држави спрема процесот на глобализација.
Во извештајот се додава дека глобализацијата продолжува со успорено темпо во однос на периодот пред рецесијата 2008-2009 година и оти се менува нејзината природа.
- Технологијата сега е главен двигател на глобализацијата, многу повеќе отколку што се странските инвестиции. Технологијата на информациите и социјалните мрежи се повеќе овозможуваат фирмите да воспостават нови односи со потрошувачите, оцени претседателот на „Ернст и Јанг“.
|