22.01.2013, 15:15 Македонија очекува искрен однос од соседите
Министерот за надворешни работи во Брисел разговараше со Штефан Филе за реформите што ги презема Македонија пред извештајот во април.
Министерот за надворешни работи Никола Попоски денеска во Брисел се сретна со комесарот за проширување на Европската унија Штефан Филе и разговараше за задачите што Македонија треба да ги исполни пред да биде објавен извештајот на Европската комисија во април.
Државната агенција МИА објави дека Попоски на Филе му ги предочил чекорите што ги прави Македонија за да го задржи позитивниот моментум на реформи во земјата во очекување на позитивен извештај, кој во јуни би обезбедил добивање датум за почеток на пристапните преговори.
„Со еврокомесарот за проширување разговаравме за повеќе теми, главно поврзани за она што следи по успешно завршениот Пристапен дијалог на високо ниво (ХЛАД). Комисијата ќе продолжи да биде инволвирана во овој процес и јас го запознав Филе со позначајните активности кои ќе ги преземеме во делот на законски и подзаконски акти, а разговаравме и за оној дел кој се однесува на решавање на сите блокади што ни беа наметнати во изминатиот период. Тука, нашиот однос е исклучително отворен“, изјави министерот Попоски по состанокот.
Според македонскиот шеф на дипломатијата, сите овие активности имаат цел за воспоставување европски тип на односи, какви што постојат меѓу земјите-членки на Унијата, а во тој правец одело и македонското претседавање со Процесот на соработка во Југоисточна Европа.
Објаснувајќи ја македонската дефиниција за добрососедство Попоски ја оквалификува со еден збор – искреност. Тој смета дека таков искрен однос треба да се очекува и од сите оние што сакаат да придонесат кон реализирање на евроатлантските интеграциски процеси. Попоски нагласи дека Македонија има лидерска улога во предлагањето мерки за подобрување на климата во регионот.
Околу спорот за името министерот Попоски ја подвлече рамката за преговорите: „Прашањето за името има сопствен мандат, кој е во Обединетите нации и тој мандат е неприкосновен и не може да излезе од тие рамки. Она што се однесува до иницијативите превземени од страна на ЕК, тие се за зголемена динамика на комуникацијата и тие се секогаш добредојдени од страна на Република Македонија“.
Еврокомесарот Филе не даде изјава по средбата, ниту неговата канцеларија излезе со соопштение. Според портпаролот Петер Стано, станува збор за редовна комуникација, а целта е подготовката на пролетниот извештај на ЕК.
Пред состанокот со комесарот за проширување, министерот Попоски во Европскиот парламент имаше средба со пратеничката Норика Николај од Алијансата на либералите и демократите за Европа, а по неговиот состанок во Европската комисија, во Европскиот парламент имаше билатерални средби со известувачот за Македонија, Ричард Ховит, како и со европарламентарците Јоргос Шацимаркакис, Евгени Кирилов, Андреј Ковачев и Мартин Кастлер. (Н.Р.)
|