21.01.2013, 14:49 Нов циклус обнова на фасадите на зградите во Карпош
Општина Карпош распиша оглас за изведувач на реконструкцијата на оштетените фасади на станбените објекти на нејзина територија. Фирмите заинтересирани да работат на обнова на старите фасади треба да се пријават најдоцна до 28 јануари годинава.
Со реконструкцијата ќе бидат вградени термички материјали, а се предвидува и старите дотраени прозорци да бидат заменети со нови со соодветна изолација. Од Општината појаснуваат дека основните критериуми за една зграда да биде избрана за реконструкција, се староста на објектот, состојбата на фасадата, бројот на станарите и местоположбата на зградата. Точно колку објекти ќе добијат нов лик ќе се знае по завршување на постапката. Дотогаш граѓаните може да ги пријавуваат зградите, по што стручна комисија ќе изврши увид на терен за да ја утврди состојбата и степенот на оштетеност на фасадата.
Реконструкциите ќе бидат финансирани од општинската каса, а цената ќе биде утврдена во зависност од типот на објектите и од потребните интервенции.
Обновувањето на фасадите е дел од програмата на Општина Карпош „Да го вратиме сјајот на старите згради“, чија цел е подобрување на енергетската ефикасност на колективните станбени објекти. Минатата година беа обновени фасадите на четири објекти. (С.Р.)
|