22.01.2013, 15:25 Демант од Олимпијакос дека преговара со Јаневски
Поранешниот помошник-тренер на „црвено-белите“ бил само во приватна посета на Атина и го гледал мечот со Јанина
Од нашиот дописник Миркица Поповиќ
АТИНА - Посетата на Атина на селекторот на македонската фудбалска репрезентација Чедомир Јаневски предизвика лавина шпекулации меѓу грчките спортски медиуми дека тој е во најтесниот избор за нов тренер на Олимпијакос. Меѓутоа, и Јаневски и од прес-канцеларијата на Олимпијакос ги демантираа информациите дека македонскиот селектор е во преговори да стане нов тренер на „црвено-белите“.
Јаневски потенцира дека бил во приватна посета на Атина, каде што има голем број пријатели, а како дел од посетата присуствувал и на натпревар на Олимпијакос. Тој во неделата го гледал мечот Олимпијакос - ПАС Јанина на стадионот „Караискаки“, што било првата причина за да се создаде еуфорија меѓу спортските новинари дека Јаневски можеби е во преговори за преземање на тимот. Досегашниот тренер на Олимпијакос, Леонардо Жардим, беше отпуштен од клубот 18 часа пред мечот со ПАС Јанина, а привремено за тренер е поставен Адонис Никополидис. Спортските медиуми во Грција шпекулираа дека Јаневски е во Атина и веќе има почнато преговори за тренерската позиција. Македонскиот селектор веќе има искуство во грчкиот клуб, откако во периодот од 2005 до 2007 година му беше помошник на тогашниот тренер Трод Солид.
Грчките медиуми експресно ги пренесоа демантите и од Јаневски и од Олимпијакос и објаснија дека станало збор за забуна, односно дека Јаневски само случајно се нашол во канцелариите на Олимпијакос во период кога се бара нов тренер. Од клубот имаше објаснување дека на посетата на Јаневски не станало ниту збор за идејата тој да стане помошник на Никополидис. Било потенцирано дека Јаневски бил во приватна посета, што не значи ништо повеќе.
Меѓутоа, како што денеска пишуваа грчките медиуми, Олимпијакос е наклонет на идејата да најде тренер во Шпанија. Се забележува дека „црвено-белите“ се во преговори со тројца шпански тренери.
|