21.01.2013, 15:17 Баерн и' помогна на Алеманија со половина милион евра
Лидерот во Бундес-лигата со пријателски меч му помогна на четвртолигашот Алеманија Ахен да собере околу половина милион евра за да може да ја доигра сезоната
Германскиот гигант Баерн Минхен му помогна на четвртолигашот Алеманија Ахен да собере околу половина милион евра, откако одигра пријателски меч со тимот кој се обидува да собере пари за да може да ја доигра сезоната. Баерн, кој во саботата играше против Гројтер Фурт во Бундес-лигата, веќе во неделата отпатува во Ахен за да го одигра пријателскиот меч.
На стадионот имало речиси 32.000 гледачи, па само од приходите од влезниците Алеманија успеала да инкасира речиси половина милион евра. Овие пари се одлична финансиска инјекција за тимот кој се обидува да собере пари за да ја доигра сезоната. „Неверојатно е што Баерн прифати да игра пријателски меч со нас и тоа само еден ден откако играа во домашното првенство. Тие дури решија да дојдат со своите ѕвезди во тимот. Во Ахен немаме толку многу шапки кои би сакале да им ги симнеме како знак на благодарност“, рече претседателот на Алеманија, Уве Шер. |