23.01.2013, 14:46 Стивенс ја запре Серена Вилијамс!
Ученичката славеше над учителката во три сета во четврт-финалето на Австралија опен и и' го расипа ефектот од 40 победи во последните 41 меч
Се судрија иднината и врвот на американскиот женски тенис и бидна чудо. Можеби некој ќе поверуваше, некако, дека Серена Вилијамс ќе биде елиминирана уште во четврт-финалето на Австралијан опен, но дека тој грандиозен подвиг ќе го направи 19-годишната Слоун Стивенс. Ученичката ја победи учителката со 3-6, 7-5, 6-4 и го расипа нејзиниот ефект од 40 победи во последните 41 меч. И помогна тоа што Серена беше разнишана од повреда на грбот во вториот сет до толку што мораше да го напушти теренот за медицински тајмаут. Потоа ништо не беше исто.
Мечот почна како што, веројатно, очекуваа сите присутни на "Род Лејвер" арена. Серена го освои првиот сет, релативно лесно, со само еден брејк. Пресвртницата се случи во осмата игра од вториот период кога поискусната Американка почувствува силна болка во грбот. Го загуби својот сервис, но компензираше веднаш, благодарение на менталниот блок на младата противничка. Сепак, грчевите на лицето на Серена беа се поизразени, веројатно, пропорционални со болката што ја чувстува, па Стивенс зададе последен удар за 7-5 во вториот сет. По медицинскиот тајмаут проструи информацијата дека Серена има спазам на мускулите на грбот и тоа веднаш се почувствува на теренот. Ако досега на турнирот сервираше со 170 км/ч во просек, сега едвај достигаше 130 км/ч. Стивенс го доби третиот сет со 6-4 и се изгуби во екстаза од воодушевување и неверување.
„Ох господе, јас сум во полуфинале на Гренд-слем! Чувството е одлично, супер е, пред се', ново е за мене. Можеби не е начинот на кој што сакав ова да се случи, но се како и да е се борев за секоја топка и заслужив“, изјави Стивенс за која четврт-финалето на Гренд-слем беше најголем дострел во кариерата. За да го продлабочи своето звездено достигнување ќе мора да ја победи првата светска тенисерка Викторија Азаренка. Белорусинката рутински го одигра својот четврт-финален меч против преродената Светлана Кузнецова, совладувајќи ја со 7-5/6-1.
Стивенс не покажува посебен респект кон следната ривалка и вели дека ќе биде своја и ќе се обиде повторно да направи сензација.
„Јас ќе го играм својот тенис. Ќе се обидам да останам фокусирана и да го направам истото што и денеска“, рече решителната тинејџерка. Таа е единствената помлада Американка што успеала да ја совлада Серена Вилијамс во нејзината кариера. Останува на неа дали ќе биде првата тенисерка од САД која, покрај сестите Вилијамс, во последнава деценија ќе заигра финале на еден од големите четири.
|