21.01.2013, 13:18 Снајдер три години во Галатасарај
За трансферот на Холанѓанецот во истанбулскиот гигант Интер доби отштета од 7,5 милиони евра, а фудбалерот ќе заработува годишна плата од 5,5 милиони евра
Транфер-сагата на Весли Снајдер во Галатасарај заврши. По неколкудневно колебање, холандскиот репрезентативец ја прифати понудата на турскиот тим и официјално стана член на истанбулскиот гигант.
Веднаш по објавувањето на трансферот Санјдер пристигна во Истанбул и изјави дека е презадоволен што ќе биде дел од турскиот тим.
„Многу сум задоволен од трансферот во Галатасарај. Едвај чекам да го облечам црвено-жолтиот дрес. Чуствувам дека сум во добра форма и можам веднаш да му помогнам на тимот. Се надевам дека ќе настапам во дербито против Бешикташ наредната недела“, изјави 28-годишниот Холанѓанец кој потпиша тригодишен договор.
Искусниот фудбалер во Истанбул се пресели откако челниците на клубот на сметката на Интер уплатија 7,5 милиони евра на име отшета, а додека Снајдер ќе заработува годишна плата од 5,5 милиони евра. Неговиот договор со Галатасарај, кој во моментов е на првото место на табелата во турскиот шампионат, истекува во 2016 година. Челниците на клубот ќе ја извршат официјалната промоција на големото засилување веднаш по завршувањето на лекарските прегледи, кои беа закажани во текот на вчерашниот ден.
Целата приказна околу заминувањето на холандскиот репрезентативец од тимот на Интер почна откако тој одби да го намали договорот по што стратегот на италијанскиот состав Андре Страмачиони му даде на знаење дека повеќе нема потреба од него. Според италијанските медиуми, со заминување на 28-годишниот фудбалер управата на Интер заштедила 30 милиони евра - плата што Снајдер би ја заработувал доколку не го раскинеше договорот со миланскиот тим.
Снајдер ја почна својата кариера во Ајакс за кој има 180 настапи. Во 2007 година за сума од 28 милиони евра премина во Реал Мадрид, а откако не успеа да се наметне во првиот состав една година подоцна се пресели во Интер. Под водството на Жозе Мурињо во 2010 година дојде до тројна круна, првенството, Купот и Лига на шампиони.
За репрезентацијата на Хрватска има одиграно 90 натпревари, а својата најдобра партија ја одигра на Светското првенство во 2010 година носејќи го својот тим до финалето каде што беше поразен од Шпанија.
Покрај кавгите околу својата плата во Интер, изминатиот период Снајдер имаше проблеми со повредите поради што го загуби местото во првиот состав на сега својот поранешен клуб.
|