21.01.2013, 14:58 Големо враќање на Кузнецова
Освојувачката на два гренд-слема ја елиминира Вознијачки во осмина финалето на Австралија опен
Ако се гледаше на хартија, пред мечот, тешко беше да се предвиди кој ќе триумфира меѓу поранешната број еден која никогаш не освои Грен слем и двојната Грен слем победничка кој никогаш не стана број еден. Судирот на „Род Лејвер“ одговори - Светлана Кузнецова ја совлада Каролине Вознијачки и покажа дека пехарите од минатото тежат повеќе кога мерката е искуство. Русинката која шест месеци паузираше поради операција на коленото цврсто чекори од почетокот на новата сезона, а сега потврди дека е кадарна да се врати и во првата 10-ка на светот. Последната од тоа елитно друштво ја совлада втор пат за само десет дена, по осминафиналето ��о Сиднеј и повторно во три сета, со 6-2, 2-6, 5-7. Таа диктираше на централниот терен на „Мелбурн парк“. Направи дури 41 неизнудена грешка, но компензираше со 52 винери, 30 повеќе од Данката. Ако анализираме пластично и претпоставиме дека Кузнецова може да ги смени бројките само во графата грешки, тогаш никој не смее да и ги одземе шансите во четвртфиналето, против водечката на светот, Викторија Азаренка. Иако ранкингот на 75. позиција на ВТА листата не е само резултат на повреденото колено, Кузнецова чувствува дека сега, на 27 години, може да се врати на самиот врв.
„Имав време да одморам, но и да ги освежам моите мисли. Додека закрепнував, одејќи на штаки сфатив дека единствено што сакам е да ја играм оваа игра. Мислам, отсекогаш сум го сакала тенисот, но сега посакувам, имам апетит за успех кој ќе ме врати назад“, го објасни своето просветление, Русинката која има титули од Ролан Гарос (2009) и УС Опен (2004). „Против Вика немам ништо да загубам, целиот притисок е врз неа. Играм добар форхенд, сервирам солидно. Клучот за победата е да бидам агресивна“, истакна Кузнецова.
Дополнителна сигурност и влева традицијата со Азаренка и ефектот и 4:3 во меѓусебните мечеви. Белорусинката не е рамнодушна пред соочувањето, иако беше супериорна во осминафиналето со 6:1/6:1 против една друга Русинка, Елена Веснина.
Серена Вилијамс лесно ја мина Марија Кириленко (6-2, 6-0) и сега, во четврт-финалето, ќе се соочи со својата ученичка, 19-годишната Слоун Стивенс.
Двојки за четврт-финалето: Азаренка (Белорудија) - Кузнецова (Русија),
Шарапова (Русија) - Макарова (Русија), С. Вилијамс (САД) - Стивенс (САД), Радванска (Полска) - Ли (Кина).
|