22.01.2013, 16:01 Избран проектант за новиот клинички блок
Италијанска компанија „Арен“ С.Р.Л. од Торино е фирмата која Министерството за здравство ја избра за најповолен понудувач, кој ќе го изготви проектот за изградба на новиот клинички блок во комплекс клиники „Мајка Тереза“. „Прототип“ и „Инпума“ од Скопје се фирмите од Македонија кои ќе им дадат поддршка на италијанските експерти во изработување на проектот. Ангажманот на проектантската фирма ќе чини околу 1, 6 милиони евра. Фирмата има обврска да го направи проектот за девет месеци и да понуди три идејни решенија.
Договорот за изработка на архитектонско-урбанистички проект со идеен проект и основен проект за изградба на новиот клинички блок денеска министерот за здравство, Никола Тодоров, го потпиша со господинот Давиде Савоино, прв човек на „Арен“ С.Р.Л. од Торино.
„Фирмата која ќе го проектира новиот клинички блок е со богато искуство во изработка проекти за здравствени објекти со најсовремените европски практики и стандарди и врз база на нивни проекти биле изградени повеќе болници, од кои се издвојуваат италијански болници со над 30.000 квадратни метри во Касино, Фрозиноне, Вицоло, како и универзитетски болнички центар во Тирана од 106.250 квадрати“, изјави Никола Тодоров.
Во новиот клинички блок, кој ќе биде на површина 50.000 квадратни метри со две катни гаражи, ќе влезат поголем дел од интерните клиники, кои со топли ходници ќе се поврзат со хируршките клиники, кои ќе се реновираат, потоа со клиниките за онкологија и за гинекологија. Посебен објект ќе биде и Клиниката за детски болести, која ќе се прошири за простор потребен за префрлување на Детска хирургија. (Ј.Ј.В.)
|