23.01.2013, 14:23 ДУИ би поддржала формирање на комисија за „24 декември“
Координаторот на пратеничката група Талат Џафери изјави дека партијата останува на ставот дека на Македонија не и се потребни предвремени парламентарни избори
Пратеничката група на ДУИ ја поддржува инцијативата на НДП за формирање анкетна комисија за расчистување на настаните од 24 декември, но координаторот Талат Џафери вели дека дилемата е во смислата на формирање ваква комисија кога опозицијата одбива да се врати во Собранието.
- Ја поздравувам одлуката на колегите од НДП да се вратат во работата на Собранието. Во однос на иницијативата за формирање анкетна коми��ија за испитување на случувањата од 24 декември, принципиелно иницијативата е легитимна и не би било проблем за нас да се стави потпис за поддршка, но дилемата е смислата на формирањето ваква комисија кога опозицијата одбива да се врати во Собранието. Се поставува, исто така, дилемата како би се формирала комисијата. Во што би била смислата да се формира комисијата од овој состав кој што е внатре во Собранието, во услови кога опозицијата укажува дека нема намера да се врати, изјави Џафери.
Посочува дека за иницијативата чул од новинарите, и дека што конкретно ќе биде предмет на иницијативата ќе се види од она што е ставено на хартија.
Тој ги повика уште еднаш пратениците од опозицијата, како што рече, да се преиспитаат, да се премислат и да решат да се вратат да продолжат со работа во Собраниетo и таму да се расчистат сите дилеми.
Координаторот на пратеничката група на ДУИ изјави дека партијата останува на ставот дека на Македонија не и се потребни предвремени парламентарни избори и предупредува дека одржувањето предвремени парламентарни избори не треба да стане пракса.
- Како воспоставена пракса би можела да служи во секој следен мандат и кој било субјект од каква било причина во секој момент да условува со предвремени избори кои не му одат во прилог на никој, а најмалку на граѓаните на кои се повикуваат, вели Џафери. |