21.01.2013, 09:36 (ФОТО) Снег и леден дожд во Европа
Интензивни врнежи од снег и леден дожд погодија делови од Европа и предизвикаа бројни проблеми како за воздушниот така и за автомобилскиот и железничкиот сообраќај во Франција и Германија.
Во судари на автопатишта во Франција во текот на викендот загинаа седум луѓе, а висината на снежната покривка во делови од државата е над 20 см.
Поради снегот аеродромите во Париз - Шарл де Гол и Орли откажани се 40 отсто летови. Други аеродроми во Франција се целосно затворени за сообраќај.
Метрото во Париз и понатаму работи, но откажани се голем број автобуски линии. Доцнат или се откажани голем број тргнувања на брзите возови TGV.
Сообраќајот од франкфуртскиот аеродром вчера целосно беше прекинат околу 3,5 часа поради леден дожд кој окова писти, а откажани беа стотина летови. Авиони кои требаше да слетаат во Франкфурт беа пренасочувани на други аеродроми. Сообраќајот според германски медиуми подоцна е повторно воспоставен, но со намален интензитет.
Најмалку десет проценти од полетите од лондонскиот аеродром Хитроу денеска ќе бидат откажани поради обилниот снег и намалената видливост.
Од Хитроу вчера беа откажани 260 летови или околу 20 проценти од просечните летови.
Гетвик, вториот по големина аеродром во Лондон соопшти дека летовите се одвиваат со извесно задоцнување.
Според метеоролозите снегот ќе продолжи да паѓа во текот на цела недела.
|