22.01.2013, 14:23 Лустрирани Васил Тоциновски и Трајко Батанџиовски
Комисијата на веб-страницата ги објави решенија за Тоциновски и Батанџиовски во кои се наведува дека биле соработници на СДБ и на ДБК
Комисијата за верификација на фактите на веб-страница ги објави решенија за Васил Тоциновски и Трајко Батанџиовски за кои утврди дека биле соработници на Службата за државна безбедност (СДБ) и на Дирекцијата за безбедност и контраразузнавање (ДБК).
Писателот Тоциновски, според Комисијата, работел за СДБ додека бил помлад соработник во Институтот за фоклор на Македонија, а за таа тајна задача Службата го нарекла „Гогољ“. Според решението, „Гогољ“ пред да биде дерегистриран од соработничката мрежа на СДБ бил ангажиран за следење, документирање и попречување на активностите на лица кои биле интересни поради македонски национализам и сепаратизам.
Трајко Батанџиовски, претседател на Управниот одбор на битолската клиника „Д-р. Трифун Пановски“, пак, во СДБ бил воден под името „Виктор“. Тој за СДБ ги следел македонските студенти во Варна, Бугарија. Според лустраторите „Виктор“ бил дел од тајните акции „Пирин“, „Витоша“, и „Прослави“. Комисијата за лустрација досега објави имињата и документи на 43 лица за кои утврди дека биле соработници на тајните служби. |