21.01.2013, 14:12 Мандатот на Елени Зарулиа од „Златна зора“ е оспорен во ПССЕ
Мандатот на Елени Заруила, грчката парламентарка од редовите на „Златна зора“ во ПССЕ, беше оспорен во почетокот на првиот дел од сесијата на Парламентарното Собрание на Советот на Европа во Стразбур.
Предлогот за оспорување на мандатот на парламентарката на националистичката и неофашистичката „Златна зора“, го поднесе италијанската парламентарка Фиама Ниренштајн.
Според нејзиното образложение, Елени Зарулиа во грчкиот Парламент изјавила дека и „имигрантите се подчовечки суштества“. Нејзиниот предлог беше поддржан од десетина членови на ПССЕ, по што верификацијата на нејзиниот мандат е упатен пред Комисијата за верификација на мандатите на паневропската асамблеја, која ќе треба да изготви посебен извештај.
Претходно, претседателот ��а ПССЕ, францускиот парламентарец Жан-Клод Мињон чиј мандат изутринава беше продолжен за уште една година, се покажа воздржан околу верификацијата на мандатот на грчката парламентарка.
Според Мињон, ПССЕ е европскиот дом на демократијата, грчкиот народ суверено и на демократски начин ги избра своите претставници во грчкиот Парламент. - Ние не смееме да им кажуваме на избирачите како да гласаат, рече Мињон, притоа нагласувајќи дека сите добро знаат што тој мисли за националистичките и популистичките политички движења, како тоа во кое членува Елени Зарулиа, во спротивно тој не би заседавал во ПССЕ. |