23.01.2013, 13:10 (ВИДЕО) Четвртолигашот Бредфорд финалист во Лига-купот!
„Убијците на џинови“, кои претходно ги елиминираа Виган и Арсенал, изгубија во реваншот со 2:1 од Астон Вила, но од првиот меч имаа предност од 3:1
Бредфорд Сити им ја обнови надежта на тие што велат дека премиерлигашките богаташи ја убиваат романтиката во англискиот фудбал со елиминацијата на Астон Вила и со пласманот во финалето на Лига-купот. Бранејќи ја предноста од 3:1 од првиот натпревар на „Волеј парејд“, каде што во пожар загинаа 56 навивачи во 1985 година, екипата од Лига 2 го загуби реваншот со 2:1, но со вкупен резултат од 4:3 стана прв четвртолигашки тим што стигнал до финалето на англиски куп по 51 година. Девет години по испаѓањето од елитната конкуренција и по паѓањето во финаниски колапс што ги фрли на колена, клубот од Јоркшир сега трие раце од очекуваниот прилив на пари како финалист на „Вембли“ против подобриот од синоќешниот возвратен дуел меѓу Челзи и Свонси.
Рочдејл беше последниот клуб од четвртиот ранг на натпреварување во Англија што дотурка до меч за трофејот во домашен куп, во кој загуби од Норич во финалето на Лига-купот во 1962 година. Но, тоа се случи кога ова натпреварување беше во зародок и многу врвни клубови не се ни заморуваа да учествуваат, додека бајката на Бредфорд ги опфаќа елиминациите и на премиерлигашите Виган во четвртата рунда и на Арсенал во четврт-финалето, двата на пенали.
Шесте илјади навивачи на Бредфорд што отпатуваа на реваншот со Астон Вила, сонувајќи за триумф над тимот што го победија при освојувањето на ФА-купот во 1911 година, но кога Кристијан Бентеке во 24. минута го отв ори резултатот во корист на домаќинот изгледаше дека Вила, сепак, ќе ја оправда улогата на фаворит. Сепак, Бредфорд ги преживеа брановите од напади од петкратниот победник во Лига-купот и Џејмс Хенсон со глава израмни на 1:1 во 55. минута, доведувајќи ги до екстаза гостинските фанови. Андреас Вајман во 88. минута повторно донесе водство на домаќинот и драматична завршница на „Вила Парк“, но Бредфорд ги издржа и четирите минути судиско надополнување и си го врежа името во пантеонот на големи спортски изненадувања во Британија.
„Ова е сон. Се надевам дека ќе имаме голема поддршка на ’Вембли‘ и оти ќе направиме клубот да се гордее“, изјави голманот Мет Дјук, херојот во пенал-рулетите со Виган и со Арсенал. „Не сум убеден дека ова чувство некогаш ќе избледи. Сонувате за ова како дете, да играте на ’Вембли‘, и, како што реков, посакувам, едноставно, да направиме клубот да се гордее“.
Шокираниот менаџер на Астон Вила, Пол Ламберт, му честита на Бредфорд, но изрече тешки зборови за својата екипа.
„Примивме четири гола на поставена одбрана во двата меча што воопшто не е добро“, изјави тој. „Засрамен сум. Никогаш нема да имаме подобра можност за да стигнеме до финалето“.
Aston Villa vs Bradford 2:1 GOALS HIGHLIGHTS by UCL2410
|