22.01.2013, 13:20 Македонија на 14. место
Лазаров најдобар во категоријата голови и асистенции заедно, втор стрелец и трет додавач
РОБЕРТ ДИМИТРИЕВСКИ
Специјализираниот ракометен портал „Хандбал планет“ погоди - Македонија го освои 14. место на 23. Светско првенство во Шпанија, благодарение на поразите на Белорусија и на Египет во осмина финалето. Белорусите во групната фаза освоија четири бода, Египќаните три, а избраниците на селекторот Звонко Шундовски пет. Од елиминираните осминафиналисти пред црвено-жолтите се Полска, Бразил, Тунис, Исланд и Србија.
Пласманот во третото учество на планетарните ракометни собири е полош од тој на СП 2009 во Хрватска, каде што Македонија заврши 11., а подобар од 18. место во дебито на мундијалите во Египет 1999.
По завршувањето на првата елиминациска фаза најдобриот македонски ракометар Кирил Лазаров е најдобар во категоријата постигнати голови и остварени асистенции заедно. Тој има 66 поени (44 погодоци и 22 додавања), втор е Арон Палмарсон од Исланд со 59 (24+35), а трет Сјархеј Рутенка од Белорусија со 58 (46+12). Во оваа конкуренција Наумче Мојсоски е на 27. место со 32 бода од 20. гола и 12. асистенции.
Лазаров е втор на листата на стрелците со 44 гола, два помалку од водечкиот Рутенка, а трет е Ахмед Мостафа од Египет со 42. Меѓу 40. најефикасни играчи во досегашниот тек на првенството е и Дејан Манасков на 21. место со 26 погодоци.
Македонскиот капитен високо котира и кај асистенциите - трет е со вкупно 22, колку што има и второпласираниот Домагој Дувњак од Хрватска, а неприкосновено прв е Палмарсон со дури 35! Меѓу најдобрите додавачи има уште двајца Македонци - Мојсоски е 19. со 12, а Филип Миркуловски 36. со 10.
Аце Јоновски е четврти блокер со вкупно осум блокади. Првите три места ги држат Хрватите Драго Вуковиќ со 13 и Жељко Муса и Јаков Гојун со по девет.
Миркуловски е 17. крадец на топки со вкупно осум. Прв во оваа статистичка категорија е Русинот Тимур Дибиров со 18, па следуваат четворица Шпанци, при што втор е Аитор Арињо со 16, трет Антонио Гарсија со 13 итн.
Меѓу најказнуваните Јоновски е 28. со по четири исклучувања на две минути и жолти картони, а Миркуловски е 37. со 5+1. Најгруб е Хамад ал Хаџри од Катар со еден црвен картон, четири жолти и седум исклучувања.
Борко Ристовски и Никола Митревски ги нема меѓу првите 20 во категориите најдобри голмани и најуспешни во одбранети седмерци. |