22.01.2013, 12:51 Нетси го добија соседското дерби
Бруклин го победи Њујорк со 88:85. На Лејкерси гостувањата им се проблем, не го минаа ниту Чикаго (95:83)
Соседското дерби помеѓу Њујорк и Бруклин им припадна на Нетси, и тоа само со три поени разлика (88:85). Слободните фрлања на Дерон Вилијамс им ја донесоа 25 победа на Нетси, со тоа што претходно двата поени на Џо Џонсон на 22 секунди до крајот беа клучни за новиот триумф на Бруклин во четвртата и последна градска пресметка во регуларниот дел. Токму Џонсон со 25 поени беше најефикасен во победничкиот тим, а додека Дерон Вилијамс и Брук Лопез постигнаа по 14 поени. Кај тимот на Њујорк Кармело Ентони запиша 29 поени и седум асистенции.
„Мислам дека сега можеме да збориме за ривалство, кое во иднина ќе биде уште поголемо. Ос��ен тоа сите овие играчи и членови на стручниот тим се добри пријатели. Ова е добра вест за кошарката во Њујорк“, изјави по мечот стратегот на Бруклин Пи Џеј Карлесимо.
По поразот на гостувањето во Торонто Лејкерси ги стигна ново бледо издание. Коби Брајан и неговите соиграчи овојпат беа совладани кај Чикаго со 95:83, а првата ѕвезда на тимот повторно имаше што да каже: „Мораме да размислиме добро што се случи и што треба да промениме. Мораме малку да се успориме“, рече Брајант кој постигна 16 поени (7/22 за два поени и 0/6 за три поени). Прво име кај „езерџиите“ беше Стив Неш со 18 поени. За Булси одлична партија прикажа Кирк Хајнрих со 22 поени.
Своја вечер немаа ниту Клиперси. На крилата на расположениот Стефан Кари Голден Стејт на домашен терен го доби тимот од Лос Анџелес со 106:99. Ова беше меч во кој што двата тима имаа шанса за победа, но во последната четвртина гостинскиот состав имаше позитива од седум поени за која што решение најде Кари, постигна четири тројки во последните 12 минути за голем триумф на Голден Стејт.
Една од причините за поразот на Клиперси сигурно е Крис Пол, поради проблемите со коленото беше надвор од препознатливата форма. „И сами видовте дека ја нема она енергија како претходно. Убаво е да го имаше на теренот, бидејќи и таков одлично го организира нападот, но поради повредата не може да игра на своето ниво“, коментира стратегот на Клиперси Вини дел Негро.
На гостински терен победа завележа Сан Антонио и Вашингтон. Спарси предводени од Тим Данкан и неговите 24 поени и 17 скока ја поразија Филаделфија со 90:85, а додека Вашингтон беше подобар од Портланд со 98:95.
Резултати: Мемфис - Индијана 81:82, Њу Орлеанс - Сакраменто 114:105, Атланта - Минесота 104:96, Шарлот - Хјустон 94:100, Голден Стејт - Лос Анџелес Клиперс 106:99, Њујорк - Бруклин 85:88, Филаделсија - Сан Антонио 85:90, Чикаго - Лос Анџелес Лејкерс 95:83, Порталнд - Вашингтон 95:98. |