20.01.2013, 17:36 (ФОТО) Лесен плен на Германците
Македонија поразена со 28:23 во осмина финалето и го заврши настапот на 23. Светско првенство за ракометари во Шпанија
ФОТО (Специјално од Барселона): Петр Стојановски
„Изборот“ на Германија наместо Франција за противник во осмина финалето се покажа погрешен за најдобрите македонски ракометари, бидејќи беа убедливо поразени со 28:23 во Барселона и го завршија настапот на 23. Светско првенство во Шпанија.
Избраниците на селекторот Звонко Шундовски само накратко му се заканија на светскиот првак од 2007 година, кој им се извлече на ланското Европско првенство во Србија. Зрак надеж разбуди намалувањето на 18:16 во 43. минута со серијата од три гола, а потоа Дејан Манасков од контранапад го погоди германскиот голман Силвио Хајневетер. Македонија имаше уште една шанса да се доближи само на минус еден, но следуваа две грешки во нападот, кои Германците ги казнија и повторно се вратија на безбедна позитива, која во 55. минута достигна максимални 26:18.
Првото полувреме беше најслабо одиграното на македонската репрезентација на овој мундијал. Слично на мечот со Исланд, црвено-жолтите долго се мачеа за првиот гол, кој го постигна Филип Миркуловски дури во почетокот на 8. минута, кога намали на 4:1. Германците имаа водство и од 11:5, по што темпото падна, па Македонија искористи играч повеќе за да се доближи на 12:9.
Колку во тешките нозе на македонските ракометари по целодневното патешествие од Севилја до Барселона ден претходно, значителната разлика на полувремето се должи и на голманот Хајневетер, кој во првите 30 минути одбрани десет удари. Македонија, која до овој меч беше една од најпрецизните селекции на шампионатот, во првиот дел имаше реализација од само 37 проценти.
Хајневетер средбата ја заврши со 11 одбрани и беше прогласен за играч на натпреварот. Македонскиот капитен Кирил Лазаров, пак, беше најефикасен играч со осум гола. (Р.Д.)
Германија – Македонија 28:23
Полувреме: 13:9. Сала: „Сан Жорди“ во Барселона. Гледачи: 3.000. Судии: Крстиќ и Љубиќ од Словенија. Седмерци: Германија 1/2, Македонија 2/2. Исклучувања: Германија 8 мин., Македонија 12 мин. Загубени топки: Германија 14, Македонија 14.
Германија: Хајневетер (11 одбрани), Лихтлајн, Кнер 5/8, Рогиш 2/2, Винцек 4/6, Рајхман 1/1, Тоеркауф 0/1, Грецки 1/2, Вајнхолд 3/6, Штробел 2/3, Шмит 4/5 (1/2), Фет 0/3, Хас 2/3, Пфал 2/5, Клајн 2/3, Кристоферсен. Селектор: Мартин Хојбергер.
Македонија: Митревски (2 одбрани), Ристовски (10+1 одбрани), Манасков 3/7, С. Стоилов, К. Лазаров 8/15 (2/2), Јоновски, Ангеловски 0/1, Темелков 2/3, Миркуловски 1/3, В. Маркоски, Н. Маркоски 1/1, Н. Мојсоски 3/6, Димовски, Георгиевски 2/2, Ф. Лазаров 3/5, Левов. Селектор: Звонко Шундовски.
|