22.01.2013, 15:12 Шпанија ја растури Србија
Домаќинот славеше над европскиот вицепрвак со 31:20 во осмина финалето
Домаќинот на 23. Светско првенство во ракомет за мажи, Шпанија, супериорно влезе во четврт-финалето, декласирајќи го европскиот вицешампион Србија со 31:20 во Сарагоса. Избраниците на шпанскиот селектор Валеро Ривера лесно стигнаа до третата победа едноподруго во меѓусебните дуели по тие на ланските олимписки квалификации во Аликанте и подоцна на Игрите во Лондон. Рамноправно се играше само во почетните десет минути, по што „фуријата“ почна резултатски да се одвојува и на полувремето замина со огромна предност од 20:12. Во вториот дел Србите се обидуваа да ја намалат негативата, но по директниот црвен картон на Мијајло Марсениќ за груб старт го развиорија белото знаме.
Шпанското десн�� крило Алберт Рокас со седум гола беше прв стрелец на мечот, а ексрепрезентативецот на Србија, Арпад Штербик, забележа осум одбрани. Голманот на Металург, Дарко Станиќ, одбрани 12 удари, Петар Ненадиќ со четири гола беше најефикасен, а МВП на ланското Европско првенство во Србија, Момир Илиќ, само три пати ја погоди шпанската мрежа.
Словенија со леснотија го совлада Египет со 31:26 и се избори за своето прво четврт-финале како самостојна држава. Се' уште непоразената селекција од поранешна Југославија прашањето на победникот го реши уште во првото полувреме, кое го доби со 19:11. Египќаните во продолжението на мечот со серија од шест гола без одговор се доближија на минус два (23:25), но „змајчеки“ ги консолидираа редовите и успешно ја приведоа средбата до крај. Кај Словенците се истакна голманот Горазд Шкоф со 14 одбрани, а во поразената екипа првиот стрелец на мечот Ахмед Мостафа со десет гола.
И Хрватите ја завршија работата во првиот дел против Белорусија, по кој на одморот заминаа со водство од 21:9, за на крајот да слават.
Унгарците, пак, против Полска на паузата заминаа со минимална предност од 10:9, а триумфираа со 27:19.
Четврт-финале, утре: Русија – Словенија (18,15 ч.), Шпанија – Германија (19 ч.), Данска - Унгарија (20,45 ч.) и Франција – Хрватска (21,30 ч.). (Р.Д.)
|