23.01.2013, 17:58 Е-даноците се сопнуваат на електронската пошта
Најмногу проблеми во првиот месец од задолжителната примена на електронското пријавување на данокот на додадена вредност имало со и-мејл адресите на фирмите, велат во Управата за јавни приходи. Утре е крајниот рок до кога месечните даночни обврзници треба да го пријават ДДВ и тоа според новите правила – преку интернет, а не на шалтерите на Управата како што беше досега. Според даночната управа, процесот се одвива без застои, а онаму каде што се појавуваат, тие се решаваат во директна комуникација меѓу конкретната фирма и УЈП.
„Поцелосна оцена за новиот начин на пријавување ДДВ ќе може да дадеме по 25 јануари, кога завршува пријавувањето за јануари. Генерално, процесот се одвива без поголеми проблеми, иако има случаи на фирмите да не им се совпаѓа и-мејл адресата што ја пријавиле во Централниот регистар со онаа која ја доставиле до УЈП или, пак, дигиталните сертификати не се соодветни. Но, овие поединечни случаи се решаваат во од“, велат во УЈП.
Фирмите мора да имаат иста и-мејл адреса преку којашто ќе комуницираат со УЈП како онаа која своевремено требаа да ја пријават и во Централниот регистер. Дали тогаш некои од фирмите импровизирале или од некои други причини сега се доведуваат во ситуација да губат непотребно време и два пати да ја повторуваат постапката за да ја завршат законската обврска. Слично е и кај дигиталните сертификати, бидејќи за пријавување даноци се валидни само оние што ги издаваат во КИБС и во „Македонски телеком“. Сепак, во УЈП се уверени дека овие детски болести ќе поминат и дека фирмите ќе ги почувствуваат придобивките од електронското пријавување ДДВ кое им штеди време, пари и нервози.
Со новиот начин од овој месец се опфатени околу 4.500 фирми, кои месечно доставуваат даночни пријави за ДДВ до УЈП. Тие и досега можеа ДДВ да пријавуваат преку интернет, но тоа беше на доброволна основа, а сега е задолжително, односно е законска обврска.
Доколку не пријават навреме ДДВ, фирмите ризикуваат да бидат казнети со високи глоби кои достигнуваат и до 3.500 евра. Иако подготовките беа правени подолго време, сепак, дел од фирмите се жалеа дека има нејаснотии во постапката на регистрирање за е-даноци, што беше отфрлено до страна на даночниците кои тврдеа дека биле организирани доволно обуки и состаноци на кои во детали биле објаснети новите процедури.
Фирмите поднесуваат даночни пријави на еден, односно на три месеци во зависност од висината на вкупниот годишен промет. Оние што прават промет над 25 милиони денари во текот на годината данокот го пријавуваат секој месец, додека на три месеци оние што имаат промет помалку од тој износ, но најмалку 2 милиона денари. За тримесечните даночни обврзници задолжителното пријавување на ДДВ по електронски пат ќе почне да се применува од 1 јули годинава. Обврската важи без оглед дали фирмите самите го пријавуваат ДДВ или го прават тоа преку сметководствени бироа.
„Оние што ги користат сметководствените бироа и понатаму можат да го прават тоа преку нив, а сметководствените бироа за сите даночни обврзници што ги водат можат да користат еден дигитален сертификат“, велат во УЈП.
Од околу 35 илјади даночни обврзници колку што се евидентирани во УЈП, околу 4.500 месечно поднесуваат даночни пријави, а над 18 илјади на три месеци. (М.Ј.) |