20.01.2013, 15:02 Ферхан Хасани пет години на Максимир
Македонскиот репрезентативен напаѓач го напушта Волфсбург и потпишува за Динамо Загреб
Македонскиот репрезентативен напаѓач Ферхан Хасани ќе ги мине следните пет години на Максимир. Само лекарски преглед го делат тетовецот од потпис за хрватскиот шампион Динамо Загреб. Хасани одлучи да го напушти Волфсбург каде што имаше договор до 2015 година. Тој ретко добиваше шанса за настап во германскиот тим (годинава само осум пати), а кај популарните „модри“ добива шанса за пробив во Лигата на шампионите, каде загрепчани настапуваа изминатите две сезони.
За Хасани, кој заедно со Ибраими беше ударниот двоец на македонската репрезентација во есенските квалифакции, челниците на Динамо имаат само пофални зборови и од него очекуваат да биде вистинско засилување.
„Станува збор за 22-годишник, кој и тоа како добро ќе му дојде на нашиот тренер, бидејќи е брзо и модерно крило“, изјави Здравко Мамиќ.
Тренерот Крунислав Јурчиќ вели дека го следел Хасани додека настапувал за нашата репрезентација и тогаш му се фатил за око.
„Тој е играч што може да реши ситуација ‘еден на еден‘“, објаснува Јурчиќ.
Иако цената на трансферот, барем засега е во тајност, се шпекулира со цифра од 300.000 евра. Хасани има одиграно 14 натпревари за Македонија. |