22.01.2013, 16:25 УЈП: Фирмите до 15 февруари да достават годишни извештаи
Фирмите кои лани извршиле исплата на приходи на граѓани имаат обврска најдоцна до 15 февруари годинава да поднесат Годишен извештај за исплатените приходи до даночните канцеларии на УЈП или по електронски пат преку системот е-Даноци.
Како што соопшти Управата за јавни приходи, во Годишниот извештај (образец ПДД-ГИ), фирмите ги пријавуваат бруто-приходите на обврзниците, платениот персонален данок на доход и придонесите, како и вкупно исплатените нето-приходи во изминатата година по основ на лични примања, авторски права и права од индустриска сопственост, капитал, имот и имотни права (закупнини), добивките од игри на среќа и други наградни игри, како и други приходи за кои аконтацијата на данокот се плаќа по одбивка. Образецот може да се преземе преку веб-страницата на УЈП.
Фирмите кои вршеле исплати по горенаведените основи на граѓанинот задолжително треба да му издадат збирна пресметка за исплатените приходи, платениот персонален данок и придонеси во 2012 година.
„Издавањето збирна пресметка е законска обврска на фирмата како исплатувач на приходот, врз основа на која граѓанинот, како обврзник на персонален данок на доход, ќе може точно и навремено да ги пријави приходите во Годишната даночна пријава“, стои во соопштението на УЈП.
Доколку до 15 февруари фирмите не поднесат Годишен извештај, и на граѓанинот не му издадат збирна пресметка за 2012, законот предвидува глоба во износ од 2.000 до 3.000 евра во денарска противвредност, а за направениот прекршок на одговорното лице на фирмата ќе му биде изречена глоба во износ од 750 евра, предупредува УЈП. (Ек.Р.)
|