22.01.2013, 10:09 Министерот Поповски во посета на Брисел
Шефот на дипломатијата ќе ги запознае соговорниците со напредокот на Македонија во исполнувањето на критериумите за членство во Унијата
Министерот за надворешни работи на Република Македонија Никола Попоски денеска и утре ќе оствари работна посета на европските институции во Брисел.
За време на посетата на Брисел, како што соопшти МНР, предвидено е министерот Попоски да оствари средби со комесарот за проширување во Европската комисија Штефан Филе, со генералниот секретар во Европската служба за надворешни работи Пјер Вимон, известителот за Македонија во Европскиот парламент Ричард Ховит, како и со повеќе истакнати членови на Европ��киот парламент од различни политички групи.
Се очекува министерот Попоски да оствари средба и со членовите на групата „Пријатели на Македонија” во Европскиот парламент.
Министерот Попоски ќе ги запознае соговорниците со напредокот на Република Македонија во исполнувањето на критериумите за членство во Европската Унија, особено во клучните области кои ќе бидат во фокусот на пролетниот извештај на Европската комисија за Република Македонија.
На средбите се очекува да се разговара и за тековните активности на Република Македонија за унапредување на односите со соседите, како и за активностите во рамки на разговорите кои се одвиваат под покровителство на ОН за надминување на разликата околу името со соседна Грција.
Средбите во Европскиот парламент се очекува да бидат фокусирани на неодамна објавената нацрт-резолуција на Европскиот парламент за напредокот на Република Македонија за 2012 година подготвена од известителот Ричард Ховит, чие прво читање во Комисијата за надворешни работи на Европскиот парламент треба да се одржи денеска. |