23.01.2013, 09:08 Тесна победа на владејачката Ликуд во Израел
Бенјамин Нетанјаху најверојатно останува на власт во Израел, но вчера одржаните парламентарни избори донесоа неочекувани загуби за неговата партија
Според прогнозите во медиумите, десно-националистичкиот блок Ликуд-Беитену на премиерот Бенјамин Нетанјаху во новиот состав на парламентот ќе има 31 пратеник, 11 помалку од претходниот состав. Ликуд сепак останува најсилна политичка опција во парламентот и се очекува шефот на државата Шимон Перес да му го довери мандатот на досегашниот премиер.
Во својот победнички говор пред воодушевените симпатизери во Тел Авив, Нетанјаху најави форми��ање на широка коалиција. Тој оцени дека изборните резултати се можност да се спроведат реформи кои граѓаните на Израел ги барале. Тој најави пет основни цели на новата влада:
„Да се онеспособи Иран во создавањето нуклеарни бомби, да се стабилизира стопанството, да се направат напори да се постигне мир со Палестинците, да се воведе воена обврска и за ортодоксните Евреи и да се намалат трошоците за живот“.
Нетанјаху рече дека во новиот состав на парламентот гледа многу потенцијални партнери. Шефот на Ликуд веднаш стапил во контакт со некогашниот ТВ-водител Јаир Лапид. Неговата новоформирана „Партијата на иднината“ освои изненадувачки 19 мандати на изборите и така стана втората најсилна политичка сила во Кнесетот.
„Државата Израел се соочува со големи предизвици. Соочени сме со економска криза која е закана за израелската средна класа. На Израел му се заканува меѓународна изолација. Постои само еден начин да се одговори на овие предизвици: да се делува заедно“.
„Десно“ и „подесно“
На трето место, со 17 освоени мандати во парламентот, е Работничката партија, на чие чело е Шели Јачимович. Новата ѕвезда на ултра-десничарскиот табор, софтверскиот милионер Нафтали Бенет со својата партија „Еврејска татковина“ освои 12 места, помалку отколку што прогнозираа анкетите. Тој се залага за анектирање на поголем дел од Западниот брег. Но, уште повеќе кон „десно“ во текот на изборната кампања загази Нетанјаху кој најави дека нема да урне ниту една населба која на Западот се гледа како нелегална.
Ориентацијата и ставот на идната влада ќе биде одлучувачка за мировниот процес со Палестинците кој веќе со години е замрзнат. Најблиските сојузници на Израел, како САД и Германија, неодамна ги критикуваа одлуките на Нетанјаху за забрзанат изградба на окупираните палестински територии. Запирањето на градбата за Палестинците е основен предуслов за продолжување на преговорите. (Дојче веле) |