22.01.2013, 14:50 Партиите ќе формираат истражувачко-аналитички центри
Политичките партии ќе формираат истражувачко-аналитички центри со цел да се зајакне демократскиот и аналитичкиот капацитет на партиите и да се зголеми просторот за јавна дебата, анализи и политички дијалог во државата. Ова е предвидено во Предлог законот за партиски истражувачко-аналитички центри предложен од парламентарното мнозинство, кој вчера ја доби потребната поддршка во прво читање на собраниската Комисија за политички систем и односи меѓу заедниците.
Законот треба да стапи во сила во 2015 година кога е планирано да се одржат следните парламентарни избори. Центрите ќе треба да имаат најмалку две, а најмногу четири лица вработени со полно работно време од кои еден од нив ќе биде раководител.
За нив годишно од буџетот ќе се одвојуваат 280 илјади евра. Средства��а ќе се распределуваат на четирите партии кои ќе имаат најголем број избрани пратеници во Собранието на Република Македонија. Предвидено е 60 проценти од средствата да се делат подеднакво на сите четири партии, а останатите 40 проценти според бројот на пратеници. Надзорот врз финансиското работење на центрите ќе биде регулиран со законот за финанисирање на политичките партии.
„Целта на законот е да се зголеми квалитетот на водење на политиката преку истражувачки методи во работењето и делувањето на политичките партии. Во Република Македонија тоа ќе биде нов квалитет којшто ќе може да им биде дополнителна логистика на политичките партии за потранспарентно и поаналитичко однесување и настапување пред органите на партијата и во самите институции и за зголемување на нивото на транспарентост и отчетност пред граѓаните“, рече Антонио Милошоски, кој е еден од предлагачите.
Пратеникот Кенан Хасипи од Демократска партија на Турците предложи фиксниот износ на финансирање на овие центри да се замени со одреден процент, односно секоја година одреден процент од Буџетот да се одвојува за овие центри, на што Милошоски рече дека примената на законот ќе покаже дали има потреба од такво нешто.
Во однос на забелешките дека најчесто се прават коалиции и дали услугите од овие центри ќе може да ги користат и помалите партии во коалицијата, Милошоски појасни дека услугите на центрите ќе ги користи не само партијата која ќе ги формира, туку и останатите партии кои ја сочинуваат коалицијата. Покрај овој закон во прво читање поминаа и дополнувањето на Законот за политички партии и измените на Законот за финансирање на политичките партии кои се поврзани со овој закон.
|