Не се врти се' околу Федерер
Швајцарците му порачаа на третиот светски рекет дека е добродојден во репрезентацијата, но не по секоја цена
Роже Федерер ја прекина традицијата која сам ја градеше и го прескокна решавачкиот меч во Дејвис купот меѓу Швајцарија и Казакстан па по убедливиот пораз многумина се запрашаа дали уште еднаш ќе го видат третиот светски тенисер во репрезентативна маичка.
Швајцарија во решавачкиот меч за опстанок во Светската група загуби од Казакстан со максимални 5:0 и од идната година ќе игра во Евроафриканската зона. Неиграњето на Федерер не беше толку големо изненадување, колку податокот што само 48 часа пред почетокот на мечот поради умор, сепак, не беше расположен за игра.
Шпекулациите дека најтрофејниот играч во историјата не тенисот повеќе нема да игра за репрезентацијата, Швајцарците не сакаат да ги коментираат, а целата ситуација ја формулираа во свој стил - професионално и без трошка емоција.
„Вратата на репрезентацијата никогаш нема да биде затворена за Роже, но тимот секако нема безусловно да се врти околу него. Нема да дозволиме тимот да трпи удари поради тоа и да биде изложен на беспотребни медиумски притисоци“, изјави претседателот на швајцарскиот Дејвис куп комитет, Ерик Келер.
Роже Федерер досега одигра 37 меча за Швајцарија во Дејвис купот на брзи подлоги, вклучувајќи го и полуфиналето во 2003 година, но од 2005 година реши да настапува само во дуелите што директно решаваат дали Швајцарија ќе остане или не во Светската група.
Неиграњето против Казакстан Федерер го бранеше со потребата за одмор по напорните недели во Северна Америка, неопходен на вистински начин да ја заврши сезоната. |