Рони О’Саливен: Битни се играта и поентата, а не парите
Контроверзниот мајстор на снукерот понуди заминување во пензија по најновиот потег во негов стил
Рони О’Саливен во мечот и победата против Марк Кинг го оствари својот десетти максимален брејк во кариерата, но дури откако последната црна топка ја реализираше по наговор на публиката и на судијата. Контроверзниот сопственик на најбрзата 147. во историјата на снукерот ( 5 минути и 20 секунди) го совлада Марк Кинг со 3:0 на Светскиот опен, а максималниот број бодови го запиша во третиот фрејм.
Рони „Ракета“ по катастрофалната грешка на својот ривал и по само две погодени топки (осум поени) го запраша судијата дали постои награда за максимален брејк, што е честа практика на големите турнири. Иако доби негативен одговор (награда од само 4.000 фунти за највисок брејк), за девет минути сјајна игра во свој стил на масата ги остави само розевата и црната топка.
Тогаш проработи неговиот неверојатен карактер, ја реализираше и розевата топка и потполно неочекувано се ракуваше со збунетиот Кинг и тргна кон излезот од салата. Сепак, судијата Јан Верхас го наговори поради публиката да ја одигра и црната топка и да запише уште еден „сон на секој снукераш“. Ни тоа не мина мирно, затоа што О’Саливен буквално ја заби црната во дупка.
„Никогаш нема да се променам. Зборував со претседателот на Светската снукер асоцијација Бари Хирн и му реков дека ако тој сака оваа партија ќе ми биде и последна во кариерата. Нема да има проблеми ако завршам со снукерот“, изјави О’Саливен.
„Сакам да продолжам со тоа што го работам. Никого не повредив, го сакам својот спорт, не лажам, не се обложувам. Играм снукер затоа што го сакам и секогаш сакам да играм на највисоко ниво. На Бари му реков дека не сум некоја ��ичност од доверба и дека понекогаш е тешко да ме натераш да играм. Затоа би бил среќен кога би заминал. Понекогаш играта ме фрустрира поради тоа што сакам да бидам на највисоко ниво. Кога не е така, моето однесување тоа јасно го покажува и правам чудни работи“, додаде О’Саливен.
Сепак, на крајот на разговорот со британските новинари Рони „Ракета“ рече дека целта му била малку и да се забавува.
„Си помислив дека тоа може некого да го развесели. Парите не се во прашање. Сакав малку луѓето да ги кренам од столчињата. Ја видов 147. и сакав да ја одиграм, иако не играв најдобро. Не верувам дека ќе го освојам турнирот затоа што не играм доволно добро, но можам да запишам максимум“.
Рони О’Саливен откри дека тоа не му било првпат да ја заврши партијата после розевата топка при резултат 140.
„Не мислев ништо лошо, само не сакав да ја реализирам црната и не можам да верувам дека поради тоа луѓето толку полудеа. Најголемото возбудување кое го доживеав на снукер-масата е моментот кога со 16 години играв пред својот идол Стивен Хендри, тогаш тој првпат ме гледаше. Играв против Џејмс Ватана и направив 140 и решив да не ја играм црната. Хендри само ме погледа и како да рече „Знаеш што, тоа ми се допаѓа“. Тоа е нешто што големите спортисти го почитуваат“.
Откако ги откри деталите од својата прва партија пред уште една легенда во снукерот, а сега голем ривал, порача дека наградата оди во добротворни цели.
„Сите ги гледаат негативните работи, а во прашање е забава и тоа што сакам да го кажам низ играта. Тука се работи за поента, а не за пари. Тие 4.000 фунти ќе одат во добротворни цели. За нешто такво наградата треба да биде поголема, но тоа не ме допира. Само ми е чудно зошто луѓето толку се загрижени околу тоа“, заврши Рони „Ракета“ О’Саливен. (Ф.Ш.) |