Контроверзниот судија Морено уапсен со шест килограми хероин
Бившиот контроверзен еквадорски судија Морено, кој со сканадалозните одлуки го обележа Светското првенство 20002 година во Јапонија и Јужна Кореја, уапсен е на аеродромот во Њујорк со шест килограми хероин! Еквадорецот остана запаметен по неславното водење на мечот меѓу домаќинот на Мундијалот Јужна Кореја и Италија. Италијанците во тој натпревар запишаа пораз од 1:2 и заминаа дома.
Да се потсетиме, Италијанците беа во група со Хрватска, Мексико и Еквадор. Во натпреварите со Хрватска и со Мексико им беа поништени четири регуларни гола, а против Јужна Кореја под водство на Гус Хидинк, Морено им поништи уште еден гол (златниот гол на Дамиан Томаси), со кој аѕурите би избориле пласман натаму. На истиот меч е исклучен Франческо Тоти (неправедно) додека азијатите минаа неказнето за своето паѓање по тревата, а досуден им е и контроверзен пенал.
Подоцна истата година Морено е суспендиран на 20 меча, бидејќи еден меч од еквадорската лига го продолжи за 13 минути. Во тоа продолжение Квито и даде два гола на Барселона Спортинг и го заврте резултатот во победа 4:3. По враќање на работа Морено заработи уште една суспензија, бидејќи на еден натпревар контроверзно исклучи тројца фудбалери. Недолго потоа замина во пензија.
По апсењето на Морено почнаа коментарите во Италија. Се огласи и репрезентативниот голман Џанлуиџи Буфон.
„Шест кила дрога? Мислам дека ја имаше уште во 2002 година, ама не сокриена туку во телото“, се пошегува Буфон, алудирајќи на грешките на Еквадорецот за време на мечот. „Шегата на страна. Кога луѓе од спортот ќе навлезат во светот на дрогата тоа значи дека самиот спорт губи на вредност“, додаде Буфон.
„Тој е бандит. Личност која не смееш сериозно да ја сфатиш. Оној кој има дрога кај себе не може да го сметате за професионалец. Погледнете ги сликите од тој натпревар и ќе видите колку беше дебел“, изјави Кристијан Панучи. |