Колку е ефикасен македонскиот правосуден систем?
 Министерот Михајло Маневски во Стразбур се сретна со највисоките претставници на Советот на Европа: Маневски со претседателот на Европскиот суд за човекови права, Жан-Пол Коста
Извештајот за ефикасноста и квалитетот на правдата овозможува да се споредуваат членките на Советот на Европа
Од нашиот дописник Тони Гламчевски
СТРАЗБУР - Европската комисија за ефикасност на правдата со вториот извештај за ефикасноста и квалитетот на правдата во Европа им овозможи на земјите опфатени со него да се споредуваат со другите. Македонија, која беше отсутна од првиот извештај објавен во 2006, поради ненавремено доставување податоци, овој пат одговори навреме на прашалникот на Комисијата.
Министерот за правда, Михајло Маневски, при посетата на Советот на Европа во Стразбур, коментирајќи го извештајот, вели: „Бројот на новопримените предмети на судовите, во споредба на првото полугодие од 2006 е намален за 40 отсто. Тоа е прв пат по седумнаесет години. Намален е процентот и на нерешените предмети за 14 отсто“, вели Маневски.
Целта на извештајот за 2008, во кој се обработени податоци од 2006 година, е да се направи процена како функционира правосудниот систем во земјите-членки на Европа. Во него се опфатени 45 од 47 земји-членки на Советот на Европа.
Од податоците што биле доставени се гледа дека Македонија за својот правосуден систем издвоила 13 евра по жител во 2006 година (0,07 отсто од државниот буџет), исто колку и Бугарија(0,12 отсто од државниот буџет), што ја става на дното во Европа. Помалку од Македонија издвојуваат само 6 од 45 земји опфатени со студијата, а убедливо најмногу издвојува Монако, дури 168 евра (0,07 отсто од буџетот). Најголемиот дел од средствата оди за платите, а најмалку за професионално доусовршување, тенденција присутна во сите земји на Европа, со исклучок на Велика Британија и Ирска.
Средствата што се издвојуваат од буџетот за судска помош за граѓаните кои немаат сопствени средства се еден од показателите за пристапноста до правдата. Со 0,02 отсто од БВП, Македонија се наоѓа во горниот дел на табелата, во Европа од неа повеќе издвојуваат само осум земји. Односно, лицата кои добиле судска помош, просечно за еден предмет таа изнесувала 337 евра, што ја става земјата во средината на табелата.
Македонија се наоѓа и во групата земји чии судови се најслабо информатизирани во Европа. Според бројот на медијаторите (вкупно 98 или 4,8 на 100.000 жители) таа е во средината на табелата, но речиси на самиот врв по бројот на професионални судии со 30,6 на 100.000 жители, повеќе судии од нас имаат само шест земји. Македонија се наоѓа во групата земји со најголема судска администрација, односно 101 административец на 100.000 жители, повеќе од нас имаат Словенија (135), Црна Гора (140), Монако (142), Србија (144) и Хрватска (161). Со 83 адвокати на 100.000 жители Македонија е во средината, сепак далеку пред Азербејџан каде што има само 6, а Грција е прва со 342 адвокати.
И покрај општо прифатеното мислење дека македонските судови се неефикасни, од статистиките се гледа дека на 100.000 жители, се завршуваат 2.230 предмети, што ја става земјата во средниот горен дел од табелата, но истовремено во процедура влегуваат нови 2.248 предмети годишно.
Околу мислењето на македонската јавност одразено во некои испитувања на јавното мислење дека судовите се корумпирани, министерот Маневски во Стразбур нагласи дека, со направените реформи и обуката на судиите, обвинителите и судската администрација се подобрува впечатокот.
За 2006 година Македонија нема доставено податоци за предметите од членот 6 од Европската конвенција за правата на човекот, кој се однесува на правото на „праведното судење“, односно задоволување на правдата во „разумен рок“. Но, од пресудите на Европскиот суд за правата на човекот се гледа дека најголемиот број се однесува токму на овој член од Конвенцијата. Сепак, Македонија се наоѓа меѓу земјите кои имаат воведено механизми за обесштетување поврзани со неразумното траење на судските процедури.
Македонија, сепак, се' уште не се наоѓа во црвената зона според бројот на предметите пред Европскиот суд за човекови права во Стразбур. Македонските граѓани во Стразбур имаат поднесено околу 1.500 предмети, од нив една третина се во процедура додека другите се отфрлени. За граѓанските парници, во случај на развод со несогласување на едната страна, просечно се чека 268 дена наспроти 25 во Русија и 701 во Босна и Херцеговина. Тешко е да се споредуваат платите на судиите и обвинителите од сите земји на Европа, но македонските (со 8.749 евра нето плата годишно) се меѓу најслабо платените, помалку од нив се платени само тие од Молдова, Грузија и Ерменија. |