Експертите бараат Законот за прислушување да се врати во Собранието

Новите законски решенија се само начин за упаѓање во приватноста, констатираа експертите
Светлана Унковска
Измените на Законот за следење на комуникациите кои пред два месеца беа усвоени од Собранието без никаква јавна расправа, претставуваат директна атака врз слободата и заштитата на човековите права и затоа е потребно овој закон поскоро да се врати во собраниска процедура на повторно разгледување. Експертите предупредуваат дека ваквото законско решение не' враќа чекор назад, бидејќи директно засега во основните човекови права. Ова е заедничката констатација на учесниците на вчерашната трибина „Слобода наместо страв“, со која беше одбележан денешниот Меѓународен ден на демократијата, слободниот говор, човековите права и слободи.
Новите законски решенија за прислушувањето, кои министерката за внатрешни работи Гордана Јанкуловска ги правдаше дека се насочени директно во борбата против корупцијата и организираниот криминал, според професорот по кривично право Гордан Калајџиев, се само начин за упаѓање во нашата приватност.
„Она што во меѓународните текови претставува борба против тероризмот, тој тренд кај нас се искористува под формата на борба против корупцијата, како добра причина да се зафаќа во приватноста на граѓанинот“, вели Калајџиев, кој забележа дека контролата на примената на овие мерки ни се најслабата страна.
Професорот Звономир Јанкуловски, пак, потсетува на изјавата на министерката Јанкуловска, која во повторен обид да го одбрани изменетиот Закон, рече: „Тој што нема што да крие, нема од што да се плаши“. „Верувајте, по ова имате зошто да се плашите, бидејќи стравот е од софистицираноста на технологијата која се нуди за следење на комуникациите и од слободата на избор кој и колку ќе биде следен“, вели Јанкуловски.
Широкиот опфат на дела или дури и сомневања дека некој може да направи криминално дело, без да биде потребен судски налог за тоа, потоа и времетраењето на прислушувањето се одредби кои се катастрофални за професор Никола Тупанчевски. „Ваквите измени се само директна атака врз слободата и заштитата на човековите права. Законот беше очекуван, но притоа најголемите судски афери и корупциски скандали останаа без епилог“, рече Тупанчевски, според кого од друга страна не постои надзор над работата, затоа што државата не може да се контролира самата. На ова се надоврза пратеничката на СДСМ, Весна Бендевска, која забележа дека токму со двете надлежни комисии за следење на работата на УБК и за надзор на спроведување на мерките за следење на комуникациите претседава власта, па затоа таа најави дека ќе бара измена на Деловникот со цел овие две комисии да бидат во рацете на опозицијата. |