Намалено производството на тутун во Струмица
Поради лошото искуство со откупот на тутунот од минатогодишната реколта, струмичките земјоделци годинава за околу 15 отсто ги намалија површините засадени со оваа култура. Со откупните претпријатија склучени се околу шест илјади договори, или илјада и двесте помалку од лани.
Освен намалените површини, од здружението „Жолто злато“ посочуваат дека годинава, поради неповолните временски услови, се намалени и приносите. „Според нашите првични сознанија што ги имаме од теренот, високите температури и слабите врнежи од дожд ги намалија приносите за околу 30 проценти, а во некои региони во земјата и до 40 отсто. Но, наспроти намалените количини, квалитетот е добар на досега собраното производство и поради тоа се надевам дека откупните претпријатија годинава ќе го почитуваат тоа и нема да се повторат минатогодишните проблеми со откупот на тутунот. Поради слабиот интерес, во некои региони се' уште има неоткупен тутун од ланската реколта“, вели Никола Стаменов претседател на здружението „Жолто злато“.
Според него, по барање на американската фирма „Филип Морис“, годинава откупот на тутунот ќе почне во септември. Во пробниот период ќе бидат вклучени четири откупни претпријатија, кои треба да откупат од тутунопроизводителите околу два милиона килограми тутун од првата и од втората берба. Претставници на откупните претпријатија на терен ги подучуваат производителите како да го подготват тутунот за откуп во септември. (Е.П.) |