Пченицата чека откуп, земјоделците цена
Земјоделците и мелничарите не можат да се договорат за откупната цена, едните бараат најмалку 15 денари, а другите не плаќаат повеќе од 12,5 ден. за килограм
Маја Томиќ
Додека земјоделците и мелничарите се' уште се натегаат околу откупната цена на пченицата, едните бараат минимум 15 денари, а другите не даваат повеќе од 12,5 денари за килограм, голем дел од годинашниот род останува во амбарите. Цената на несогласувањата меѓу земјоделците и мелничарите, кои не попуштаат во своите ставови околу откупната цена, на крај, ќе ја платат граѓаните преку повисока цена за околу 20 отсто на лебот, која се најавува за септември.
Од Федерацијата на независни синдикати деновиве реагираа и ја повикаа Владата да ја утврди висината на откупната цена и да изврши притисок врз мелничарите за да ја купуваат пченицата. Тие ја обвинија Владата дека не презема мерки за заштита на македонското земјоделство, кое трпи загуби поради оваа ситуација. „Неосновани и паушални се тврдењата на Федерацијата за состојбата во македонското земјоделство. Земјоделците не се уништуваат, туку и годинава, како и лани, статистички бележат раст и развој на производството и неколкукратно зголемување на извозот“, реагираше вчера Министерството за земјоделство на завчерашните барања на Федерацијата за интервенција од Владата во делот на производството на пченица. Таква мерка, според ова Министерство, веќе била донесена уште на втората седница на новиот владин состав. Потсетуваат дека на крајот на јули Владата донела мерки за стабилизирање на домашниот пазар со жито и дека во наредните два и пол месеци увозот на еден килограм брашно е условен со обврзувачки откуп на четири килограми македонска пченица. До октомври 2011 година беше донесена и забрана за извоз на меркантилна пченица за да се стимулираат поголеми откупни цени, а Агенцијата за стоковни резерви објави оглас за набавка на 40. 000 тони пченица за потребите на државните резерви. Министерството, како што се наведува во вчерашното соопштение, на барање на земјоделците, а во соработка со Агенцијата за храна и ветерина на граничните премини воведе строга контрола на квалитетот на увозните земјоделски производи.
Во меѓувреме, од околу 150 милиони килограми лебно жито, што се произведени годинава на македонските ниви, голем дел се' уште чека да биде откупен. Деновиве Здружението на земјоделците повторно побара од млинарите откупната цена на пченицата, наместо сегашните 11 денари, да изнесува најмалку 15 денари за килограм, а со ова барање се согласува и Министерството за земјоделство. Во спротивно, се закани дека нема да ја продаваат пченицата и дека ќе ја остават да скапе во амбарите. Но, на млинарите не им одговара таква цена и нудат максимум дванаесет и пол денари за килограм, плус ДДВ.
На крајот од февруари годинава, кога млинарите останаа без пченица, а како резултат на тоа лебот два пати поскапи, Владата интервенира од стоковните резерви и им продаде 40 илјади тони пченица по цена од 15 денари за килограм. Цел беше да престане растот на цената на лебот, односно тој да поевтини, но, и покрај оваа мерка до денес не се случи тоа. Спротивно на тоа, мелничарите предупредија дека од септември повторно ќе ја качат цената на брашното, а со тоа и на лебот, за околу 20 отсто, затоа што поскапела увозната пченица од Србија. |