Број 3651  вторник, 09 август 2011
прва страница Архива контакт редакција маркетинг претплата
Втора страница
На прво место
Политика
Македонија
Економија
Хроника
Едиторијал
Анализа
Мислења
Писма
Свет
Култура
Спорт
Скопје
Забава
Некролог
Хороскоп
Што прават денеска
Онлајн вести








Site Meter
Спорт

Легенда и како играч и како тренер

Сашко Ѓ. Димовски

Заврши летната сага околу новиот селектор на фудбалската репрезентација на Македонија. По нешто повеќе од два месеца разговори, преговори, средби, конечно го добивме идентитетот на наследникот на Мирсад Јонуз во светски познатиот и признат велшки фудбалски стручњак, Џон Тошак. Тој е десетти македонски селектор и воедно трет странец по Андон Дончевски, Ѓоко Хаџиевски, Ѓоре Јовановски, Никола Илиевски, Бобан Бабунски, Драган Канатларовски, Мирсад Јонуз, Слободан Сантрач и Среќко Катанец.

Новиот шеф во соблекувалната на македонската фудбалска репрезентација има импресивно досие. Долг е списокот на колективи, и тоа звучни, во кои Тошак го имал главниот збор. И успешен, згора на се', што прави да се чувствуваме горди дека тренерски профил од така висок калибар прифати да работи со моментно 96. репрезентација на светската ранг листа. Свонси, Спортинг Лисабон, Реал Сосиедад, Реал Мадрид, Депортиво ла Коруња, Бешикташ, Сент Етјен, Катанија, Мурсија и репрезентацијата на Велс, на чие кормило се одржа шест години, беа станици во неговата кариера.

Роден е на 22 март во 1949 година во Кардиф, престолнината на Велс. Неговото име е врежано во списокот на еминентни фудбалски лица што можат да се пофалат со престижното признание тренер на годината во шпанска Примера, и тоа во два наврата (во 1989 и во 1990 година). Направи подвиг и со Свонси, клуб од истоимениот велшки град. Го презеде во моменти кога беше дел од четвртата англиска дивизија и го одведе до првата.

На 11 ноември 1970 година Тошак го реализира најголемиот трансфер во кариерата како активен фудбалер. Потпиша за гигантот од „Енфилд роуд“, Ливерпул, за 110.000 фунти. За „црвените“ дебитира во ремито без голови со Ковентри, првенецот го постигна во дербито „Мерсијсајд“ против Евертон (2:0). Во 1971 година во нападот на Ливерпул му се придружи и Кевин Киген. Двајцата функционираа фантастично, телепатски, и на теренот секогаш знаеја што мислат, што сакаат, што ќе изведат. Тошак излегуваше победник во речиси секој воздушен дуел, Киген, пак, одлично финишираше на земја. Нивните партии секогаш предизвикуваа восхит кај коментаторите, кои со леснотија ги опишуваа акциите на Ливерпул. Дел од познат коментар на Дејвид Колеман во една прилика беше „Тошак, Киген 1:0“ и оттогаш стана честа пракса во мечевите на Ливерпул. Фудбалскиот магазин „Шот“ во едно од изданијата ги спореди со Бетмен и Робин, па дури објави слика од нив во костими на познатата „Динамик Двојка“. Тошак се' уште котира високо кај симпатизерите на Ливерпул, кои го прогласија за 34. фудбалер на Ливерпул во изборот на 100 најдобри што оставија белег на популарниот „Коп“, дел од трибината на „Енфилд роуд“ резервиран за најверните фанови на „црвените“.

Поранешниот напаѓач на Ливерпул го предводеше Велс во 29 квалификациски меча во кои забележа 10 победи ви низа. Највпечатливиот резултат со еден од нашите ривали во квалификациите за СП 2014 беше ремито против Германија во Франкфурт во ноември во 2007 година на патот на Велс кон ЕП 2008.

Профил

Роден: 22 март 1949 во Кардиф

Играчка кариера: Кардиф Сити (1965-1970) 162 меча/74 гола; Ливерпул (1970-1978) 246/96; Свонси (1978-1984) 63/25

Титули како играч: првак на Англија 1973, 1976 и 1977, ФА-куп 1974, Куп на европските шампиони 1977, Куп на УЕФА 1973 и 1976, Европски Суперкуп 1977, сите со Ливерпул; Куп на Велс 1967, 1968 и 1969 со Свонси

Настапи за Велс: 40 меча/13 гола

Признанија како играч: спортист на годината 1981 во Велс

Тренерска кариера: Свонси (1978-1984); Спортинг (1984-1985); Реал Сосиедад (1985-1989, 1991-1994, 2001-2002); Реал Мадрид (1989-1990, 1999); Депортиво (1995-1997); Бешикташ (1997-1999); Сент Етјен (2000-2001); Катанија (2002-2003); Мурсија (2004).

Титули како тренер: Куп на Шпанија 1987 и шампион на Шпанија 1990 со Реал Мадрид; Суперкуп на Шпанија 1995 со Депортиво; Куп на Турција 1998 со Бешикташ

Признанија како тренер: „Дон Балон“ за тренер на годината во Шпанија 1989 и 1990

Селектор: Велс (1994, 2004-2010), 10 победи/3 нерешени/16 порази во квалификации; Македонија (од 7 август 2011)


#
Статијата е прочитана 844 пати.

Испрати коментар
Најди! во Утрински
Спорт
Тошак со амбициозна агенда во Македонија
Ново лице на кошаркарите против Србија
Европскиот хит Работнички против обновениот Вардар
Пресврт против Сити - прв трофеј за Јунајтед
Охридски маратон во полн сјај за јубилејот
Алонсо
Штепанек го освои Вашингтон

"""