Алонсо: Имаме морална обврска да се бориме
Фернандо Алонсо цврсто стои на ставот дека Ферари нема да се откаже од годинашните титули за возачите и за конструкторите во Формула 1, па дури оди подалеку, велејќи дека се морално обврзани да се борат. Овогодишниот шампионат не поминува како што посакуваат во Ферари, кој мораше да чека до деветтата трка од сезоната, Големата награда на Велика Британија, за да ја забележи првата и досега единствена победа. Со само 215 поени на своето конто, Италијанците заостануваат дури 168 бода зад конструкторскиот лидер Ред бул, а Алонсо, најдобро пласиран возач на Ферари во трката за титулата, има 89 поени помалку од водечкиот Себастијан Фетел.
Но, и покрај масивните негативи и супертешката задача што им претстои, Алонсо уверува дека нема да се откажат од оваа сезона.
„Мораме да се обидеме и да по��едиме на колку што е можно повеќе трки“, изјави тој за време на посетата на Доломитите, каде што Ферари ја одржа традиционалната манифестација „Врум самер“. „Ние сме реални, ситуацијата во првенството е таква каква што е, но имаме видено често пати дека можат да се случат ненадејни пресврти. На крајот на краиштата, ние сме Ферари и имаме морална обврска, посебно во однос на милионите фанови низ целиот свет, секогаш да размислуваме за максималната цел. Никогаш не смееме да кажеме дека ќе влеземе во осум трки без да ја имаме титулата на крајот од умот. Напротив, секогаш ќе ја имаме пред себе титулата, се' додека постои и најмала шанса. Се разбира, мораме да почнеме да победуваме и треба да се надеваме дека Фетел ќе направи неколку грешки или ќе има некакви проблеми“.
Двократниот светски шампион исто така не гледа никаква причина зошто да не се бори за победа во преостанатите осум трки, инсистирајќи дека ја има целата потребна мотивација за да одработи како што треба, почнувајќи од Белгиското гран-при при крајот на месецов.
„Во Спа никогаш не сум победил како возач на Формула 1, па би било прекрасно да се направи тоа. Потоа доаѓа Монца, која е посебна и во која би сакал повторно да го имам извонредното чувство што ме обзеде таму минатата година“, вели Шпанецот. „Што се однесува до Сингапур, таму веќе имам две победи и се искачив на подиумот третиот пат. Тоа е волшебна трка за мене. Победата на Сузука е голема работа поради природата на патеката, во Кореја веќе успеав, па две победи во низа би биле добредојдени, исто како и да го пишува моето име на првиот ред од листата на победници на Индиското гран-при. Абу Даби? Па, сите знаат дека би сакал да ги избришам сите ужасни спомени поврзани со таа патека. А во Бразил ги освоив и двете мои светски титули!“. |