Европскиот хит Работнички против обновениот Вардар
Соседите наострени за дербито на второто коло во Прва лига вечерва на „Филип Втори“
Сашко Ѓ. Димовски
Европскиот хит Работнички и реконструираниот состав на Вардар ќе го поделат мегданот на националната арена „Филип Втори“ вечерва во 20 ч. во дерби мечот од второто коло од новата сезона во македонскиот фудбалски шампионат. Ова ќе биде 38. пресметка меѓу вечните градски ривали од 1998 година во првата лига на Македонија. Во досегашните 37 билансот е израмнет. Обете екипи имаат по 14 триумфи, а 9 средби досега завршија без победник. Гол-разликата е на страна на црвено-црните (50:43). Највисоката победа вардарци ја забележаа во 1998 година кога г�� декласираа соседот со 6:1, Работнички, пак, најубедливиот резултат го забележа во пролетниот дел од ланското првенство кога славеше со 3:1. Но, Работнички и Вардар имаат одиграно уште 10 меча (куп средби и оние од поранешна Југославија) од кои произлегува дека дебармаалци, сепак, се поуспешни. Севкупниот скор вели - 18 победи за Работнички, 16 за Вардар, 13 нерешени исходи со гол-разлика 66:60 повторно во корист на најтрофејната македонска екипа.
Работнички е во блага предност во однос на Вардар. Одличните настапи во квалификациите за Лига Европа ја набилдаа самодовербата кај неговите играчи. Имаат тим кој добро се познава, воигран е што не е случај со Вардар, констатација со која се сложува и вардаровиот кормилар, Илчо Ѓоргиоски.
„Во составот имаме само двајца фудбалери од лани и се' уште се наоѓаме во фаза на градење на тимот. Од тој аспект Работнички е во блага предност. Но, ние сме Вардар и мора да сфатиме дека веруваме во себе без разлика во каков состав играме. И ние си имаме свои сметки. Го респектираме противникот, кој направи резултат во Европа што не е за потценување. Очекувам добар меч, неизвесен, со шанси и голови“, ни изјави Ѓоргиоски, кој не може да смета на Игор Стојаковиќ поради повреда.
„Меѓу нас и Работнички нема непознатости. Одлично се познаваме. Јас како тренер секогаш сум за офанзивна игра, така ќе биде и во овој натпревар. Момент на инспирација, индивидуална грешка или тактичка замисла се работите што може да го решат победникот вечерва“, дополни Ѓоргиоски.
Дека нема фаворит во денешниот дуел меѓу Вардар и Работнички согласен е Горан Петрески, човекот што успешно ги водеше „романтичарите“ низ три квалификациски рунди за Лига Европа и стигна до двомеч со римски Лацио. Пред момчињата во црвено паднаа естонска Транс Нарва, Јувенес Догана од Сан Марино и посебно кипарски Анортозис, тимот што пред две сезони беше дел од групната фаза во Лига на шампиони. Сега на ред е Вардар, ривал против кој сите очекуваат, се надеваат и посакуваат три бода. Некогашната вардарова „десетка“, Петрески, сега на спротивната страна, најавува отворен и напаѓачки фудбал и не крие дека сака победа.
„Ние сме професионалци, Работнички е професионален клуб. Како такви секогаш ќе одиме на три бода, така ќе биде и вечерва. Нема да отстапиме од таквиот пристап и фудбалска филозофија. Градско дерби е тип на натпревар во кој нема фаворит и аутсајдер. Во него има многу емоции, мотиви, желби, па и фактор среќа донекаде. Вардар има добра екипа, но и ние си имаме наши адути. Се надевам на интересен и неизвесен дуел и игра што ќе биде на ниво на дерби натпревар и очекувам овој меч да биде еден вид на почеток во враќање на сјајот на пресметките меѓу овие два клуба“, вели Петрески, во чиј состав ново име ќе биде Муарем Муарем, а ќе ги нема Игор Стојанов (повреда) и веројатно Горан Богдановиќ (повреда) и Благоја Тодоровски (црвен картон во претходното коло со Брегалница 2008).
Шкендија рутински со 11 Октомври
Бранителот на титулата во македонското фудбалско првенство, Шкендија, ја забележа првата победа во новата сезона. По поразот во Турново од Хоризонт со 2:1, тетовци во второто коло го совладаа новиот прволигаш, 11 Октомври од Прилеп со 3:0. Сали во 11 минута, Мустафи од пенал во 75. минута и Исени во 80. минута погодија за домашните кои мечот го завршија со дури двајца фудбалери повеќе на теренот по исклучувањата на гостинските играчи Данилов и Кулески. (С.Д.) |