Битолчанки ги освоија срцата на Французите
Бројните текстови во печатот и репортажите на телевизијата сведочат за успехот на нивните десетина концерти
Од нашиот дописник Тони Гламчевски
Стразбур - Хоровите на КУД „Стив Наумов“ од Битола се чести гости во Франција и достојни амбасадори на Македонија. Последното гостување на младинскиот женски хор на КУД „Стив Наумов“ од Битола е потврда на нивниот квалитет. Битолчанки ги освоија срцата на љубителите на хорската музика во Лорен. Бројните текстови во регионалниот и локалниот печат и репортажите на телевизијата сведочат за успехот на нивните десетина концерти, дадени во Епинал (градот со кој Битола е збратимен повеќе од 40 години), Нанси, Виле-ле О Нанси, Жерарме, Вител...
Трагите од исцрпувачкото четириесет и осумчасовното патување со автобус од Битола до Франција, веднаш исчезнуваа од лицата на четириесет и двете млади девојки на возраст од 14 до 22 години, предводени од нивниот педагог и диригент Љубомир Трифуновски, кога ќе се појавеа на сцената. Присутните на концертите воодушевени од изведбата на младите битолчанки не штедеа на аплаузите, посебно кога сводовите на базиликата „Сант Морис“ во Епинал беа исполнети од изведбата на „Величанија за Кирил и Методиј“ од Тодор Скаловски, изненадени од аранжманите на македонските народни песни или пак изведбата на светските класици. По концертите, гостите долго им се заблагодаруваа и им честитаа на младите хористки и нивниот диригент за пријатните моменти поминати со нив. На некои од концертите се најдоа и неколку малубројни Македонци кои живеат во овој дел на Франција, при што тие не ги криеја чувствата пробудени од средбата со своите сонародници и гордоста што на Французите им беше понудена толку многу квалитетна програма.
За многумина од младите хористки ова беше прво патување во Франција и значеше дополнителна мотивација за нивното понатамошно ангажирање во хорот. Петдневниот престој на истокот на Франција, дополнет со посета на музејот „Лувр“ во Париз беше прилика за склучување на нови познанства и мало запознавање со животот на Французите. Сите членови на хорот, беа сместени во домовите на нивните домаќини од хорот „Гласот на Сликите“ од Епинал, благодарејќи на несебичното ангажирање на госпоѓата Франсоаз Андре, која ги следеше на сите нивни настани. Нивното патување беше поддржано и од француската алијанса во Битола, која претставува вистински мост меѓу македонската и француската култура во „градот на конзулите“. За време на престојот во Епинал младите хористки и нивниот диригент имаа средба со младите од социјалниот центар „Битола“ во Епинал, кои имаа организирано мала изложба за нивните гости, од градот чиј кварт го носи името. На многуте прашања за нивниот град, за Македонија, за начинот на кој се живее кај нас, накратко час на меѓусебно запознавање и претставување...
За гостите од Битола, ��радот Епинал им приреди и мал прием, бидејќи толку многу гости не доаѓаат често од Битола. Овој француски град, веќе силно ангажиран во соработката со Битола и воопшто со Македонија, неодамна беше домаќин на една група на средношколци од гимназијата „Гоце Делчев“ од Куманово, кои веќе подолго време соработуваат со средното училиште „Луи Лапик“ од Епинал.
КУД „Стив Наумов“ чии членови пеат од љубов за песната, настапите во странство се вистинската награда. На последното гостување во Франција концертите беа ревијални, без влогови и награди, поради тоа можеби опуштеноста и спонтаноста која придонесе за уште поголем квалитет на изведбите. Нивните концерти беа бесплатни, а некои од нив беа импровизирани и непредвидени како на покриениот пазар и паркот во Епинал, музејот на гудачките инструменти во Миркур и посебно неочекуваниот и спонтан мини концерт на плоштадот „Станислас“ во Нанси. Бројните туристи кои се најдоа на еден од најубавите кралски плоштади во светот, инаку заштитен од УНЕСКО не им веруваа на нивните очи и уши. Под блескавото сонце на Лорен, на хрватскиот камен со кој сега е поплочен плоштадот на полскиот крал Станислас, одекна македонски глас. За жал, нивните гостувања во странство не наидуваат на големо медиумско внимание кај нас, во споредба со вниманието кое тие го предизвикуваат во земјите и градовите домаќини. За секој нивни ден поминат во Франција, имаше најмалку по една статија во весниците. Фотографиите кои ги објавуваме во Утрински весник се преземени од француските весници. Инаку за квалитетот на хорот предводен од Љубомир Трифуновски сведочат и бројните награди и признанија добиени како во нашата земја, така и во странство. |