Број 3034  сабота, 11 јули 2009
прва страница Архива контакт редакција маркетинг претплата
Втора страница
На прво место
Политика
Македонија
Економија
Хроника
Едиторијал
Мислења
Писма
Свет
Култура
Спорт
Скопје
Забава
Хороскоп
Што прават денеска

Претходен број


Site Meter
Култура

„Кристален глобус“ за филмот „Ангел на море“

На затворањето на фестивалот во Карлови Вари на Џон Малкович му беше доделен почесен „Кристален глобус“, а публиката го награди со долги стоечки овации

Од нашиот известувач
Сунчица Уневска

Карлови Вари - Со спектакуларна сценографија, целосно во знакот на ѕвездениот прав и имагинацијата, во саботата вечерта беше означен крајот на 44. Филмски фестивал во Карлови Вари, Чешка. Главната награда „Кристален глобус“ и 30 илјади американски долари отидоа кај белгискиот филм „Ангел на море“ на Фредерик Думон. Овој успешен дебитантски филм на Думон, кој раскажува една морничава семејна приказна сместена некаде на југот на Мароко, освои уште една награда, за најдобра машка улога на Оливие Гурмет.

Специјалната награда на жирито, кое го предводеше француската продуцентка Клоди Осар, му беше доделена на иранскиот филм „Дваесет“. Оваа награда носи и 20 илјади американски долари. Режисерот Абдолреза Кахани својата тажна приказна за затворањето на еден мал ресторан ќе ја смести во само 20 дена, во текот на кои ќе успее да направи одличен портрет на времето, луѓето и местото. За најдобар режисер беше прогласен германскиот помлад автор Андреас Дрезен („Облак 9“) за неговата комедија „Виски со водка“. Дрезен беше многу изненаден, бидејќи, како што рече, не очекувал некоја награда со оглед на тоа што неговиот филм е комедија, и тоа типично германска.

Наградата за најдобар актер Оливие Гурмет ја подели со познатиот американски актер Пол Џијамати за неговата улога во филмот „Студени души“ на Софи Бартес. Џијамати глуми театарски актер кој решава да го промени својот пристап кон градењето улоги. Интересно е дека и наградата за најдобра актерка ја понесе Паприка Стин од Данска за улогата на актерка. Во филмот „Аплауз“ на Мартин Питер Зандвлиет таа е актерка која е тотално посветена на работата, што ќе ја однесе својата цена. Со специјална награда беше награден уште еден актер, Филип Гарбаш за улогата во филмот „Свињи“ на Роберт Глински од Полска, кој ја обработува темата на детска машка проституција.

Втората најважна селекција на фестивалот во Карлови Вари е програмата „Источно од Запад“, која исто така е компетитивна, а чие жири годинава го предводеше бугарскиот филмски критичар Божидар Манов. Главната награда во оваа селекција му припадна на рускиот филм „Соба и половина“ на Андреј Крзановски, во кој авторот му прави еден несекојдневен портрет на нобеловецот Јосиф Бродски. Специјалната награда му беше доделена на полскиот „Гребнатина“ на Михал Роса.

Документарната програма во Карлови Вари има подеднаква важност како и првите две односно овие три програми се столбот на овој фестивал. Оваа година наградите за документарци во траење под и над 30 минути ги однесоа индискиот „Wagah“ на Суприо Сен и словачкиот филм „Osadne“ на Марко Шкоп. Додека наградата на публиката, за која гласаа дури 70.000 гледачи, му припадна на израелскиот „Прашање на големината“ на Сипур Гадол. Познатата и реномирана награда „Europa Cinemas Label“ му припадна исто така на данскиот „Аплауз“, а наградата на критиката „Фипресци“ ја доби хрватскиот „Не е крај“ на Винко Брешан.

Може да се каже дека затворањето, и покрај наградите, и покрај ѕвездите кои беа поканети да ги доделат наградите, целосно помина во знакот на Џон Малкович. Имено, „Кристалниот глобус“, кој годинава му се додели на Малкович за неговиот исклучителен придонес кон светскиот филм, му беше врачен на самото затворање. Наградата му ја врачи претседателот на фестивалот Јиржи Бартошка, но претходно беше направен еден огромен портрет на Малкович низ долга низа секвенци од неговите улоги. Низ исклучително ефектна монтажа само уште еднаш можевме да се увериме во фантастичната моќ на Малкович за трансформација, гледајќи ги неговите (фантастично одбрани) стотина лица на екранот. Публиката го награди со стоечки овации.

Инаку, меѓу ѕвездите кои доделуваа награди беше и шпанскиот и холивудски актер Антонио Бандерас. Тој пристигна последните два дена во Карлови Вари и, дефинитивно, ги воодушеви фановите. Од него се бараа многу автограми, но и самото негово однесување едноставно ги плени присутните. Имено, Бандерас како вистински Шпанец е неверојатно темпераментен, едноставен, зборува од срце, со многу гестикулации и со многу емоции. Кога излезе на сцената да ја додели наградата за режија, претседателот Бартошка ја предупреди публиката да не вика толку многу по него и да не бара автограми, затоа што сепак сега е тука за да додели награда и почеста треба да оди кај добитникот. А на Антонио Бандерас претходната ноќ му беше доделена Специјална награда на претседателот на фестивалот. А покрај Малкович, годинава „Кристален глобус“ за нивниот придонес кон светскиот филм им беше доделена и на француската актерка Изабел Ипер и на чешкиот режисер Јан Шванкмаер.

Она што е интересно е дека фестивалот годинава се отвори со американски филм, а се затвори со британски, во кој исто така има доста американски ѕвезди. На отворањето тоа беше дебито на Шана Фесте „Најголем“, додека на затворањето се прикажа филмот „Бродот од кој се слушаше рок“ на Ричард Кертис. Но, како и да е, без оглед што фестивалот во Карлови Вари одлично функционира, сепак холивудските ѕвезди дефинитивно привлекуваат најголемо внимание. Карлови Вари прави некој интересен микс, на затворањето ја направи и онаа позната посвета на големите имиња кои оваа година починале, која секогаш се прави на доделувањето на „оскарите“. Како и да е, но на овој чешки фестивал му успева веќе и да собере толку многу публика која со часови чека да ги види познатите, исто како на големите фестивали во Кан или во Берлин. Факт е дека овој фестивал има посебен шарм поради огромната млада публика и неговата достапност и отвореност за гледачите, да се надеваме дека и покрај добрите страни во неговото растење и се' поголемата фама која околу него се создава, нема да го загуби најбитното. Да живее и да пулсира заедно со публиката.

 


Статијата е прочитана 182 пати.

Испрати коментар
Најди! во Утрински
Култура
Не сакам да давам комплименти, но Охрид е посебен град
Етнолозите без поддршка од државата се недоволно гласни
Битолчанки ги освоија срцата на Французите