Број 3034  сабота, 11 јули 2009
прва страница Архива контакт редакција маркетинг претплата
Втора страница
На прво место
Политика
Македонија
Економија
Хроника
Едиторијал
Мислења
Писма
Свет
Култура
Спорт
Скопје
Забава
Хороскоп
Што прават денеска

Претходен број


Site Meter
Култура

Етнолозите без поддршка од државата се недоволно гласни

МЕД негира дека не учествувало на годинашните конкурси на Министерството за култура во минатите три години

Катерина Богоева


Членовите на Македонското етнолошко друштво незадоволни со години наназад од третманот на етнологијата од страна на државата, без разлика на менувањето на владејачките политички гарнитури, говорат ретко, но јавно и за нефинансирањето на нивните проекти од страна на Министерството за култура. Сметаат дека Министерството подолг период нема слух за нивните проекти, а проф.д-р Мирјана П. Мирчевска од Институтот за етнологија при Природно-математичкиот факултет, поранешен претседател на МЕД, неодамна во текст посветен на актуелните проблеми (објавен во нашиот весник), меѓу другото и потенцираше дека последниот број на гласилото на Друштвото, „Етнолог“ ( бр 11), никогаш не бил платен од страна на Министерството за култура, иако за негово печатење поседуваат и писмена одлука за одобрени средства. „Откако бројот беше отпечатен и беа однесени (и примени) 10 примероци во Министерството за култура, никогаш не беше платен со средства од Министерството, бидејќи истите никогаш не стигнаа на сметка на Друштвото. Во последните 5 години, МЕД не доби ниту еден научен или стручен проект, иако конкурираше на секој конкурс од Министерството. Кога е таков третманот на вашата професија, тогаш доаѓа и до делумно опаѓање на ентузијазмот кај етнолозите. Особено кога гледате како оние околу вас, се грижат за сопствениот етнички идентитет“. Министерството за култура на ова одговори (по наше барање), посочувајќи дека со негова подршка, преку Годинешната програма за работа во културата се финансираат голем бројот на проекти од областа на етнологијата, проекти за презентација и истражувања на етнолошките вредности што ги поседува земјава.

„Македонското етнолошко друштво не конкурирало на редовните годишни конкурси на Министерството за култура за поддршка на програми и проекти од национален интерес во областа на музејската дејност во последните три години. Во годините пред нив, се случило да не се поддржат активностите на повеќе здруженија од разни области од музеологијата, пред се поради тоа што неопходното намирување на материјалните трошоци за македонските музеи изнесуваше дури 70% од вкупно доделените буџетски средства за дејноста“- стои во реакцијата на Министерството, кое потенцира и дека со респект гледа кон еснафот во здруженијата и ги смета за движечка сила и коректор на научните текови, за заштитата и презентирањето на духовното и материјалното културно наследство. Го респектира и досегашното опстојување на Македонското етнолошко друштво.

Но, сепак Мирчевска тврди дека Друштвото редовно конкурирало на конкурсите во 2004, 2005, 2006, 2007 и 2008 година, некогаш со еден, а некогаш и со два проекти. „Документацијата лично јас ја носев во архивата на Министерството. За пет години ниту еден проект не беше одобрен. Дискутабилно е тврдењето на Министерството, дека е голем бројот на одобрени проекти од областа на етнологијата, бидејќи не само што не се одобрени проектите на МЕД, туку ниту научните работници и институции кои се занимаваат со проучување на етничката култура во последниве години не добиваат проекти. Ниту билатералните проекти кои ги одобрила другата страна, ние сеуште ги немаме одобрено. Навистина, тие се во надлежност на Министерството за наука, но кога се во прашање вакви науки од национален интерес, потребна е поширока стратегија на државно ниво. Во спротивно се ќе се одвива стихијно, неорганизирано и на крајот недоволно аргументирано.

Етнолошките истражувања се од исклучителна важност за идентитетот на секој народ, на секоја културна, религиозна заедница. Се додека тоа ние самите не го разбереме доволно сериозно, сите околу нас ќе ја работат „нашата етнологија“, се разбира на наша штета. Со сета почит кон разните здруженија во Македонија, Македонското етнолошко друштво е високо професионално стручно здружение каде што членуваат дипломирани етнолози, а не здружение на ентузијасти кои имаат различна професионална ориентација. Ентузијазмот и професионалноста се голем мотив, но без подршка на државата, сепак сме недоволно гласни, за разлика од другите кои се многу погласни. Се надевам дека ваквиот однос во иднина ќе се измени, за доброто на македонската наука, етнос и постоење“, вели Мирчевска.

МЕД на конкурсот за Годишната програма на Министерството за култура за 2010 година учествува со проекти наменети за презентација на етнолошки филмови во Софија, со проект за симпозиум за етнолошкото културно наследство, бара средства за печатење на Етнолог бр 12 , за научно истражувачки проект во соработка со институциите, во чиј фокус е народната култура на иселениците од Егејска Македонија во Република Македонија. Што од тоа ќе биде финансирано, ќе се знае на крајот од оваа или на почетокот на следната година, но факт е дека актуелизирањето на прашањата за македонскиот етнички и културен идентитет, се одвива без доволен третман на научните сознанија до кои со децении наназаф доаѓале и доаѓаат етнолозите од земјава.


#
Статијата е прочитана 279 пати.

Испрати коментар
Најди! во Утрински
Култура
Не сакам да давам комплименти, но Охрид е посебен град
„Кристален глобус“ за филмот „Ангел на море“
Битолчанки ги освоија срцата на Французите